Екс директор и уредник на Телма ќе протестира: Не убедувајте ме дека црното е бело

Долгогодишниот новинар, уредник и до неодамна директен на Телма (која важеше за провладина) Атанас Кировски, најави дека ќе учествува на антивладиниот протест против францускиот предлог и бугаризација на Македонија.



,,Да си кажам дека планирам да одам да протестирам против одлуката на Владата да го прифати овој срамен и понижувачки предлог на Париз (Софија). И никој да не одеше, јас бездруго ќе отидев. Ако треба и сам. Затоа што овој предлог не е добар за Македонија.

Затоа што унилатералните проблеми што ги има Софија со нас, прифаќаме да станат европски проблем, дел од копенхагенските критериуми и дел од преговарачката рамка. Не е паднат овој француски предлог од небото, убеден сум дека некој ги урнисувал нашите позиции со месеци, за да стасаме од португалски ( релативно поволен) до француски ( комплетен дебалк за македонската дипломатија).

Јас сум бил, и ќе останам партиски неопределен. Но, немојте да ме убедувате дека црното е бело. Едноставно, ми ја навредувате интелигенцијата….”, пишува Кировски во најавата.

Предходно тој направи споредба на францускиот предлог со фудбалски жаргон.

,,Ова изживување на ЕУ врз нас под диктат на Софија – за нас да важат еден куп други услови освен копенхагенските критериуми е како во фудбал да ни речат учествувајте на Европско ама сите ќе играат по 11 -а вие со 7 играчи, и вашиот гол ќе биде 12 метра, а на сите други 7. А селекторот на нашава репрезентација, мртов озбилен вика -ај ќе им играме не ни се толку лоши условите за игра, ни дадоа да ставиме копачки….”, напиша Кировски.