„Македонија досега изгуби многу време во чекалницата за влез во ЕУ, па одложувањето од неколку месеци нема битно да ја промени динамиката за почеток на преговорите. Со условите за дигањето на ветото се поставени криминални ултиматуми. Со самото поставување такви услови Бугарите вршат дела од областа на меѓународниот криминал. Иинсистирањето на формирање на потребниот кворум за промена на Уставот, како во случајот со Преспанскиот договор, дефинитивно би ја влошило уште повеќе политичката клима во земјата.“ – вели Митко Јовановски во својот коментар со наслов „Не’ за брзоплети одлуки за пакетот неотпакувани комплети“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, Јовановски пишува: „Францускиот предлог’ требаше да ги реши сомнежите кај мнозинството македонски граѓани за прашањата за зачувување на македонскиот јазик, национален идентитет и историја, но тоа не се случи. Необјавувањето на протоколите меѓу Бугарија и Македонија, кои треба да бидат дел од преговарачката рамка со Унијата, внесе уште поголема бркотница кај граѓаните, кои се обидуваат да препознаат, што ни се нуди на француското мени. Најгласен во одбраната на францускиот предлог е македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи.“
„За да бидат прифатени условите диктирани од бугарска страна, Бујар Османи како ‘аргумент’ го изнесе и заострувањето на меѓуетничките напнатости, ако во македонското Собрание не помине предлогот од Франција. Ова уште повеќе ја намали неговата доверба кај граѓаните, кои силно негодуваат како го водеше процесот на ‘усогласување’ на протоколите за соработка со Бугарија.“
„Неговите објаснувања за одредени точки од преговарачката рамка, особено за македонскиот јазик, уште повеќе ја усложнија и така чувствителната атмосфера во изминатите два дена. Тоа предизвика масовно излегување на граѓаните пред Владата, со барање да не се прифатат понудените решенија од Брисел.“





