Боцевски: „Францускиот’ предлог треба да се уништи! – Никој не може против целиот народ и неговата волја за сопствена држава!“

„За само пет години доживеавме целосен национален пораз, кој започна со Преспанскиот договор, а завршува со договорот Ковачевски – Петков, дипломатска катастрофа со која Македонија од национална држава на македонскиот народ стана безимена територија на делови од народи, а сега е на пат да стане втора бугарска држава на Балканот. Разградувањето на државата го почна Зоран Заев, а го продолжува Димитар Ковачевски.“ – вели Ивица Боцевски, поранешниот вицепремиер за евроинтеграции, во својата колумна со наслов „Најголемите стапици за Македонија во ‘францускиот предлог“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.

Покрај другото, Боцевски пишува: „Стремежот на Софија за ‘бугаризација преку европеизација’ добива поддршка од Европската Унија и од сите нејзини 27 земји-членки. Паѓаат во вода сите тврдења дека ‘Софија е изолирана’, оти ‘никој во Европа нема разбирање за бугарските барања кон Македонија’, а особено бесмислиците дека ‘Западот ќе ја притисне Бугарија, па таа ќе мора да попушти’. Сега јавноста невидено се бомбардира со лаги дека Македонија ги почнува преговорите и оти македонскиот национални позиции се зачувани.“

„Комунистите ни ја оставија Македонија како национална држава на македонскиот народ, со сите белези и со сите национални институции. Наместо тоа, денес веќе не постои Македонија, туку некое чудовиште наречено ‘северна’. Влезот во Европската Унија треба да биде платен со поништување на сè што е македонско и со бришење на Македонците од кругот на нациите и од друштвото на етникумите.“

„Овој предлог треба да се уништи како да не постоел воопшто. Македонија треба повторно да ги започне разговорите со Европската Унија и со Бугарија претставувана од нова влада, со полн демократски капацитет, и од преговарачи што исклучиво се водат од македонските национални и државни интереси. Заврши времето на марионетите!“

„Само одговорните политичари, со државнички светоглед, умеат да согледаат дека нашиот влез во ЕУ е единствено можен со зачувано национално достоинство и со елементарна пристојност. Предлогот Ковачевски – Петков не го нуди тоа. Дали каде било во тој предлог постојат цврсти политички гаранции дека Бугарите нема да ја држат Македонија во заложништво за време на преговарачкиот процес и оти европската интеграција на Македонија нема да се претвори во ‘бугаризација преку европеизација’?“

„Македонскиот народ скапо и крваво ги плати својата национална слобода и својата држава, па ќе ги брани од петни жили. Македонија ќе победи. Не може никој против еден цел народ и против неговата волја за сопствена држава.Домашното предавство нѐ врати назад во борбата за национална слобода, но ќе ја истрпиме и оваа несреќа, ќе си ги вратиме изгубените позиции, па ќе тргнеме повторно да си ја прикажеме и нашата приказна во „културниот натпревар помеѓу народите“. Македонија ни е сè што имаме и вреди да се посвети цел еден живот во борба за Македонија, за нејзината слобода и за нејзината иднина.“