Постојат три сериозни проблеми со предлогот, од кои еден е огромен и не зависи од Македонија, додека две прашања се во исклучива надлежност на македонската надворешна политика и на македонската дипломатија, вели екс вицепремиерот за европски прашања Ивица Боцевски во коментар за последните бугарски барања за кои има најава дека владата на Ковачевски сака да ги прифати.
,,Огромниот проблем произлегува од општото расположение на Европската Унија, особено во стожерните земји-членки. Резултатот на францускиот референдум од 2005 година сигнализираше дека граѓанството во земјите-основачи веќе не го споделува ентузијазмот на политичките елити за натамошната интеграција на Европската Унија.
Прва и најголема жртва на разбеснетото европско граѓанство беше политиката на проширувањето на Европската Унија. Јасно е како бел ден дека, на ниво на Европската Унија, веќе нема политички консензус, а нема ни одлука за прием на земјите од Западен Балкан во ЕУ како полноправни земји-членки. Уште пред воведувањето на новата методологија и групирањето на поглавјата во кластери, целиот процес на европската интеграција ја изгуби својата предвидливост, ја изгуби и својата јасност, а што е најважно ја изгуби и својата конечност. Црна Гора преговара од 2012 година, a Србија од 2013 година, но нема никаква назнака дека нивниот преговарачки процес би можел да се затвори во скоро време со нивно полноправно членство во Европската Унија.
Дополнителна забуна внесува и новата методологија, која овозможува прогресот во преговорите да биде ставен под знак прашалник во секој момент, како од органите на ЕУ, така и од која било земја членка, сите постигнати резултати да бидат поништени, па целиот процес да се врати на почетната точка. Исто така, францускиот претседател најави и француски референдум за проширување на Европската Унија со секоја идна земја-членка, а во моментов е незамисливо граѓаните на Франција позитивно да се изјаснат за која било од земјите-кандидати.
Тоа е големиот проблем што ги поништува сите празни приказни и „грандиозни“ говори што во следниот период ќе се повикуваат на европските вредности, историјата, „иднината на нашите деца“, прогресот и така натаму. Не постои ниту една политичка сила во Македонија што ја спори европската интеграција на земјата, но само одговорните политичари, со државнички светоглед, умеат да согледаат дека нашиот влез во ЕУ е единствено можен со зачувано национално достоинство и со елементарна пристојност”, пишува Боцевски кој смета дека предлогот Ковачевски – Петков не го нуди тоа.
Според него ЕУ нема донесено конечна одлука за извесен прием на земјите од Западен Балкан како полноправни членки во скоро време, па, оттука, неразбирливо е ова брзање да се протне лош предлог за Македонија по секоја цена.
,,Другите две точки зависат исклучиво од македонската надворешна политика и од нејзината дипломатска умешност. Првото прашање се гаранциите… Дали каде било во предлогот Ковачевски – Петков постојат цврсти политички гаранции дека Бугарите нема да ја држат Македонија во заложништво за време на преговарачкиот процес и дека европската интеграција на Македонија нема да се претвори во „бугаризација преку европеизација“? Дали европската служба за надворешна акција, француската дипломатија, германската дипломатија и италијанската дипломатија се подготвени да излезат со конкретен документ или макар со објавена политичка декларација каде што тие ќе се обврзат, во име на европските вредности, во согласност со сите меѓународни и европски документи за човековите права и слободи, дека македонскиот идентитет, култура и национална посебност нема да бидат предмет на преговори и на бугарско вето? Дали американската и британската дипломатија, како страни што се изјаснија дека ја поддржуваат македонската европска интеграција, се подготвени, исто така, да застанат зад вакви гаранции за Македонија и да ги поддржат? Не се сомневам само дека такво нешто воопшто не е побарано од наша страна, затоа што СДСМ покажа дека не умее да ги брани македонските национални интереси во надворешната политика и дека се способни само да влезат во некои луди авантури за да си купат уште еден ден власт повеќе, налудничави проекти што потоа со години ја обременуваат македонската надворешна политика.
За жал, засега имаме само „Гаранция-Франция“, како што милуваат да кажат нашите источни соседи, односно празна гаранција, усно даден збор што никој нема намера да го исполни
Вториот проблем е уште подлабок и тој е суштината на целиот процес. Како Бугарија ја толкува преговарачката рамка за влез на Македонија во Европската Унија? Токму бугарското толкување на Договорот за добрососедство, безглаво потпишан од Заев, без никаква консултација со јавноста, ја внесе Македонија во новиот кошмар и нè доведе до оваа непосакувана состојб”, пишува екс вицепремиеротми амбасадор Ивица Боцевски.
Целата негова анализа на овој линк





