Таневски: „Обид за ‘продавање’ ‘ЕУ-приказна’, во која не веруваат ниту Европејците – Доста е!

„Францускиот предлог за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ предизвика бурни реакции во јавноста, која со право прашува: дали Македонија е ставена повторно пред свршен чин како со Преспанската спогодба, да мора да прифати нешто што уште повеќе ќе ги поткопа нејзините темели како македонска држава? На македонскиот народ му се повторува историјата и се соочува со истите премрежија од пред многу години. Дали ќе биде посилен синдромот на самоодржливост, или синдромот на самоуништување?!“ – вели Сашо Таневски во својот коментар со наслов „Ги препознавме ли наметнатите стари возобновени историски предизвици?“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.

„Македонизмот опстојал, поради внатрешното чувство, кое не може да се искорени“

Таневски пишува, покрај другото: „Последните неколку години Македонија е под засилен притисок и отворени напади од некои од соседните земји, но и пошироко, за целосно негирање на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја. Овие обиди се со единствена намера да се создаде нова вештачка ‘северномакедонска’ нација, која треба да ја истисне македонската свест од овие простори и некои следни генерации воопшто да не знаат за нејзиното постоење. Целата операција се одвива со продавање некаква европска приказна, во која повеќе не веруваат ниту самите Европејци.“

„Македонија отсекогаш градела држава со сите нејзини атрибути, без оглед на стекот на историските околности. Низ подолг историски период македонскиот народ покажал дека има капацитет да гради сопствена држава и оти никој нема право да му го оспорува тоа. Сепак,синдромот на самоуништување ги предизвикал сите страдања, низ кои минувал македонскиот народ низ во историјата. Истото му се повторува и денес, кога повторно се нападнати и оспорени неговиот идентитет, јазик, историја и култура.“

„Самоуништувачкиот процес достигна врв 2017 година со потпишувањето на Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор во 2018 година. Со овие два договора се потврди самоуништувачката моќ на Македонецот да презема чекори, што водат кон целосно негово исчезнување. Тоа проклетство продолжува. Сега е повеќе од важно да се врати духот на сплотеност и заедничко дејствување, исто како пред многу векови, кога во многу потешки услови Македонците опстојувале и ги чувале она што било највредно за нив: состојката на идентитетот и Македонија!“

„Сега кога седиме на иста маса со многу светски сили можеме да подвлечеме црта и еднаш да се охрабриме да кажеме ‘Доста е!’ – доста е негирање, доста е уценување, доста е условување и притисоци да се самоукинеме… Македонија опстојала во многу потешки времиња, ќе опстои и сега, колку и да му е некому трн во окото.“