Нема нова иницијатива за тргање на бугарското вето за евроинтеграцијата на Македонија на денешниот последен ден од француското претседателство со ЕУ.
Македонската влада тврди дека сè уште не им бил доставен официјален предлог за надминување на спорот со Бугарија и за почеток на преговорите за членство, а во Софија, пак, молк откако минатата недела Парламентот го прифати „францускиот предлог“ и изгласа недовeрба на владата на Кирил Петков.
Француските дипломати во седиштето на ЕУ, како што јави дописничката на МИА од Брисел, не се запознаени со нова иницијатива за надминување на спорот меѓу Софија и Скопје по посетата на македонската делегација во Бугарија.
Процесот е целосно во рацете на Софија и Скопје, а делумно и во Париз, пред сѐ кај францускиот претседател Емануел Макрон, чиј предлог беше отфрлен минатата недела.
Македонската влада тврди дека официјален документ досега нема добиено и ги истакна своите црвени линии: јасна заштита на македонскиот јазик, македонскиот идентитет, Уставот, протоколот, историјата.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера на собраниската седница за пратенички прашања, повтори дека не се прифатливи идеи кои не прават јасна заштита на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и не е прифатливо билатерални прашања да бидат вклучени во мултилатерални преговори со ЕУ.
„Историските прашања не треба и не можат да бидат критериуми за преговарачка рамка на Република Северна Македонија со ЕУ, ниту за која било друга организација. И второ, преговорите со Европската унија мора да започнат со одржување на меѓувладина конференција, пред да бидат отпочнати измените на Уставот со цел внесување на Бугарите Црногорците, Хрватите да станат дел од Преамбулата. И трето, и ЕУ и Бугарија ќе достават гаранции дека нема да постојат понатамошни условувања во однос на нашиот процес на пристапување кон ЕУ“, подвлече Ковачевски.
Доколку се постигне разбирање на овие позиции, Скопје е подготвено да се вклучи во разговори со партнерите во ЕУ.
Медиумите информираа дека македонска делегација била во посета на Софија во понеделникот, но никој не соопштува конкретни резултати по средбите, јавува Мкд.Мк.
Вчера во Брисел се одржа состанок на амбасадорите на ЕУ. Нема информација дека Бугарија и Македонија биле на дневен ред. Дипломатски извор од земја членка на ЕУ за МИА вели дека не слушнале ниту за нов француски предлог.
Топката, според ЕУ, е во рацете на Скопје и Софија. Доколку двете страни успеат да се усогласат, ЕУ и француското претседателството би биле подготвени за нов обид, но шансите се чинат многу мали со оглед на тоа дека напредок меѓу двете страни нема, а нема ни време бидејќи од утре претседавањето со ЕУ го презема Чешка. Доколку во последен момент не биде постигнат напредок, прашањето ќе се префрли кај чешкото претседателство…







