На седница во 11 часот, денеска ќе се одржи седница за интерпелација на претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација за Џафери по вулгарното обраќање на претседателот на Собранието кон собраниски службеници и откако ги заклучи пратениците од опозицијата во пленарната сала додека траеше поединечното изјаснување.
Џафери писмено ги отфрли сите обвинувања на опозицијата и смета дека откако тој е претседател на Собранието се унапредени правата на собраниските службеници.
Пратениците од опозициската партија и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски и пред поднесувањето на интерпелацијата рекоа дека не очекуваат таа да биде изгласана и Џафери да замине од оваа функција, но оти сепак сметаат дека тој треба да одговара пред граѓаните за својата работа.
Интерпелацијата за Џафери ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе на 30 мај. Џафери запазувајќи го рокот во Деловникот одговори на неа и ја закажа денешната седница.







