Премиерот обвини пратеник дека го снимал деколтето на најискусната пратеничка на СДСМ

Денеска премиерот Димитар Ковачевски од собраниската говорница посочи дека пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, кој не го именува, вчера со телефон ја снимал пратеничката Снежана Калеска – Ванчева на 15 сантиметри од нејзиното деколте.



Ковачевски ова го кажа на седницата за пратенички прашања, од каде што постави прашање и што ќе и прави пратеникот на снимката.

,,Кревањето тензии не одговара на никого. Свесен е народот за деструкцијата која произлегува единствено во опозицијата. Само снимките ако се погледнат од вчерашниот ден, на кои претседателката на Законодавно-правната комисија од пратеник, кој во моментов ми се смее, со мобилен телефон ја снима на 15 сантиметри од нејзиното деколте. Не знам што ќе ѝ прави на таа снимка”, рече Ковачевски ставајќи ја во незгодна ситуација својата најискусна пратеничка.

Расправата во салата била тензична дотаму што, пратеникот Бајрам Кадрија од ДУИ го држи и штити микрофонот на кој зборува Калеска-Ванчева, додека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да го исклучат за да не се прогласи крај на седницата, бидејќи според нив, таа не била ниту започната, пренесува Нова Македонија.

Пратеничката Калевска засега нема поднесено барање за истрага за вознемирување со видео снимање на делови од нејзиното тело од страна на колега пратеник.