Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска „жешкото столче“ го постави пред Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), од каде што претседателството на ССМ побара исполнување на ветеното линеарно зголемување на платите за 2 806 денари за сите работници и враќање на правото на регрес од 30 до 100 проценти.
„Затоа денеска го повикуваме министерот за информатичко општество кој е дел и беше дел од тој преговарачки тим – доколку навистина се стремат за нова методологија за реформи во администрацијата, за нов закон за плати за административните работници нека повели. Ние сме пред неговото Министерство и нека ни го покаже и нека ни го достави доколку има искрени намери. Доколку не – жешкото столче го чека. Денеска е министер утре ќе стане обичен работник како нас“,
изјави претседателот на ССМ, Дарко Димовски пред Минситерството.
Тој уште еднаш упати апел и до локалната и до централната власт да излезат во пресрет на работниците и да им ги зголемат платите на сите работници во ова, како што кажа, тешко време кога имаме двоцифрена инфлација и секакви видови на кризи.
Димовски истакна дека штајкот ќе продолжи и во наредните денови, а најави дека утре Синдикатот ќе ги посети Општините Гостивар и Струмица каде што ќе се потпишат колективни договори за зголемување на платите за 2 806 денари.
„Утре ќе ја посетиме Општината Гостивар каде што со градоначалникот ќе потпишеме колективен договор за усогласување на платите за 2 806 денари како и за Јавното комунално претпријатие. Потоа сме во Опшштина Струмица каде што ќе потпишеме спогодба за зголемување на платите за 2 806 денари со трите јавни комунални претпријатија и колективен договор со градоначалникот за зголемување на платите од 2 806 денари“,
посочи Димовски.
Во оваа насока, тој кажа дека за жал генералниот штрајк на ССМ единствено вродува со плод на локално ниво и во претпријатијата кои се основани од општините.
„Апелирам власта да го следи примерот, да не се крие. Ние ги следиме чекорите кои ги прави власта и можам да кажам дека ништо во моментов не се прави за работникот освен што се уназади едно работничко право, односно недела неработен ден во туристичките места стана работен за работниците. Но, како што кажав, ние работниците памтиме и исто така ќе вратиме“, потенцира лидерот на ССМ.
Во однос на вчерашната средба со министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, првиот човек на ССМ истакна дека министерката била поинаква од другите министри и, како што рече, се одважила да излезе и застанала рамо до рамо со нив, но но оти не понудила никакво решение за нивните барања.






