„Според поставените приоритети на американската политика во Европа, одолжувањето на процесот на проширување на ЕУ го носи ризикот за нестабилност и немири во регионот на Западниот Балкан. Односно можниот притисок од ЕУ за прифаќање на француската преговарачка рамка од страна на Македонија има потенцијал да предизвика безбедносна нестабилност во регионот.“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Соединетите Американски Држави нудат помош за македонските евроинтеграции“
Павловска пишува, покрај другото: „Неприфатливоста на францускиот предлог како преговарачка рамка за ЕУ, за кој по изгласувањето во бугарското собрание се добива впечаток дека еврофункционерите сакаат да го претстават како реална рамка за надминување на бугарското вето, создава непријатност во пошироки рамки и како да повикува поавторитетен геополитички фактор – САД, активно и со влијание да се вклучи во процесот.“
„Воопшто не е невообичаено, кога (меѓу)европските односи ќе навлезат во некоја слепа улица, во наоѓање решение за предизвиците да се вклучи силната дипломатија на САД. Состојбата во која Македонија не го отфрли францускиот предлог на преговарачката рамка, а Бугарија го претставува како победа на нејзините барања и национални аспирации спрема Македонците, на искусните дипломати им е јасно дека се создава нов предизвик во меѓународните односи (меѓу сојузници во НАТО), во кој всушност сѐ повеќе се натежнува на страната спротивна на меѓународното право и универзалните принципи и вредности.“
„Во таков контекст, изјавата на портпаролот на Стејт департментот дека „САД ги поздравуваат напорите на Франција да постигне успешно решение и остануваат подготвени да играат конструктивна улога во олеснувањето на компромисот“ беше протолкувана како поактивно вклучување на САД во можните натамошни активности, но на начин што би ги зел предвид македонските позиции. Претходно, високи претставници на американската дипломатија во повеќе наврати изјавуваа дека билатералниот спор не треба да се внесе во македонската преговарачка рамка за ЕУ, што е сосема спротивно на предложениот документ од француското претседателство со ЕУ.“
„Вклучувањето на американската дипломатија за Македонија дава некаква надеж за влегувањето во процесот од позиција на докажан пријател на земјава. Имајќи го предвид искуството на дипломатијата на САД, тоа придонесува за одржување на надежта дека нивниот ангажман ќе даде плод во полза на правдата и правото.“ – вели амбасадорот Ѓорѓи Филипов. Тој смета дека францускиот предлог за преговарачката рамка за Македонија не смее да биде прифатен. Според него, внесувањето на протоколот за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија во преговарачката рамка, со многу елементи го прекршува меѓународното право – нагласува Филипов.“
Home Македонија Филипов: Францускиот предлог е неприфатлив, дипломатијата на САД е надеж за Македонија





