Никаква паралела не постои помеѓу Илинденското и Преображенското востание

Никаква врска или паралела не може да се пронајде помеѓу Илинденското и Преображенското востание, велат историчари за Плусинфо.



Испровоцирани од преписката водена меѓу министерот на надворешни работи Бујар Османи и неговиот претходник на функцијата Никола Димитров, во која првиот го обвинува вториот дека уште во 2019 се согласил Илинденското востание да се преименува во Илинден-Преображение востание.

Проф д-р Ѓорѓи Чакарјаневски вели дека во конструкцијата Илинден-Преображение востание се крие исклучително опасна историска замка, во која нашите историчари и политичари едноставно не би смееле да паднат.

– Илинденското востание е автохтоно востание и историски му припаѓа на македонскиот народ, како и на другите народи што зеле активно учество во него – додава Чакарјаневски.

Неговиот колега проф д-р Тодор Чепреганов, пак, додава дека тезата за тоа дека Илинденското востание е дел од Преображенското е всушност конструкт на бугарските историчари, направен по директива на комунистичкиот лидер на Бугарија, Тодор Живков.

– Одбележувањето на Илинденското востание во Бугарија за прв пат се организира по директива на Тодор Живков, содржана во одлуките на Политбирото на Бугарија од 1968 година. Тогаш е направен конструктот меѓу Илинденското и Преображенското востание, два потполно одделни историски настани. Илинденското е подигнато на 2 август во 1903 година, додека Преображенското кон крајот на септември. Илинден е значајен за Македонците, додека востанието подигнато на Преображение е во традицијата на Тракијците, бидејќи е подигнато и водено на територијата на Тракија – вели Чепреганов.
Тој додава и дека долги години по задушувањето на Илинденското востание, никој во Бугарија не чувствувал никаква припадност кон него.

– Македонците од Бугарија почнале да го одбележуваат Илинденското востание во 1922 година, со чествувања и панихида за сите загинати. Првиот Бугарин кој учествувал во одбележувањето е градоначалникот на Варна во 1939 година. Се работи за две посебни востанија и не смее да се прави никаква историска паралела меѓу двете – дециден е Чепреганов.

Целиот текст на следниот линк:

plusinfo.mk/golema-istoriska-zamka-se-krie-vo-ilinden-preobrazhenie-vostanieto-e-avtohtono-makedonsko/