ВМРО-ДПМНЕ побара собраниска расправа за францускиот предлог, Џафери одби

На собраниската седница да се стави точка на дневен ред на кој ќе се расправа за предлогот на француското претседателство и заклучоците на Советот на Европската унија, како и наметнатите барања на Бугарија особено говорот на омраза и претензиите кои ги има, побараа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека таков предлог не може да стави на седница бидејќи, како што истакна, нема материјали за тоа.



„Предлогот не може да се стави на гласање поради фактот што од никого тука нема материјали предложени за дневен ред. Од таа причина нема гласање за овој предлог, нема материјал“, рече Џафери.

Но координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски реагираше дека материјали има доставено уште од петокот и на самата говорница го покажа барањето за одржување седница, но обвини дека Џафери не сака да го стави овој предлог за расправа.

„Не е точно дека не може да се стави точката на дневен ред, така вие го интерпретирате Деловникот.
Материјали во Собранието има, доставени се за прв пат до правилната Комисија, Комисијата за европски прашања и тие материјали вие ги имате веќе од петокот во Собранието. Доколку навистина имате желба да разгледаме некоја точка или да продискутираме на ваква проблематика доволно материјали и почитување на процедурата има“, рече Мицевски.