ТВ Алсат: За тие што трошат над илјада киловати во скапата тарифа, струјата ќе се зголеми за над 130 отсто!

„Регулаторната комисија за енергетика денеска ја започна подготвителната седница за реформата на тарифниот систем за електрична енергија (блок-тарифите). Алсат ексклузивно дознава дека за оние што трошат повеќе од еден мегават, односно повеќе од илјада киловати струја во високата тарифа, цената на струјата за нив ќе се зголеми за повеќе од 130 проценти!“ – објави ТВ Алсат.



Алсат пишува: Ова поскапување не е без намера, без цел. Оние што имаат базени, кои не штедат нималку, кои произведуваат криптовалути во своите визби, на кои што им се полнат џеповите на таков начин, со висока потрошувачка на струјата, сите тие ќе бидат погодени најмногу.

Од следниот месец домаќинствата и малите потрошувачи ќе бидат поделени во четири тарифни блокови според потрошувачката на електрична енергија. Регулаторна го објави новиот модел.
Првиот е за домаќинства кои трошат малку, односно од нула до 210 киловат часови месечно. Вториот блок е од 210 до 630, третиот од 630 до 1.050 потрошени киловат часови. Последниот четврт блок за тарифирање се домаќинства кои трошат најмногу, односно над 1.050 киловати. Експертите, кои го изработија новиот тарифен систем, уверуваат дека најголемиот дел од домаќинствата ќе имаат намалени сметки за струја.

ТАРИФНИ БЛОКОВИ:
0 – 210 KW
210 – 630 KW
630 – 1.050 KW
над 1.050 KW

„Зимно време, 98,8 отсто од домаќинствата ќе бидат во третиот блок. Само девет и пол илјади домаќинства ќе бидат во четвртиот блок, од кои само пет илјади ќе имаат по денешниве цени повисоки сметки од еден до 70 проценти“, рече Рубин Талески, универзитетски професор.

Претседателот на Регулаторна Марко Бислимовски најави дека во среда ќе ја соопшти и новата цена на струјата, а со неа и цените на блок тарифите, по кои ќе се прави индивидуалната пресметка за секое домаќинство. Секој блок ќе си има своја фиксна цена.

„За првиот блок, цената ќе биде иста за сите домаќинства, доколку влезе во вториот блок, ќе ја плати само разликата и нема да ја плати цела потрошувачка. Ако отидат во четвртиот блок, апсолутно ќе има цена блиска како пазарната“, рече Бислимовски.

Од Регулаторна апелираат ако во една куќа, која е на повеќе ката и во неа живеат повеќе членови или семејства, час поскоро да се поделат во неколку броила, за да не ги надминат потрошените киловати, а со тоа и да избегнат добивање на енормно високи сметки за струја. – објави ТВ Алсат.