Јовановски: „Безумната бугарска офанзива за негирање на македонскиот идентитет под ‘закрилата’ на добрососедството!“

„ Француско-бугарската приказна за кревање на бугарското вето за почнување на пристапните преговори за Македонија со ЕУ неделава ќе ја добие својата завршница. Ќе дознаеме дали францускиот предлог е само уште еден од низата неуспешни обиди на Брисел, да се задоволат националистичките каприци на бугарската политичка елита. Македонија сега води битка против безумната бугарска офанзива за негирање на македонскиот идентитет под ‘закрилата’ на добрососедство, пред која европските институции молчат, поради некаква ‘европска солидарност’!“ – вели Митко Јовановски во својот коментар, кој го објави весникот „Нова Македонија“.

Покрај другото, Јовановски пишува: „Многу ‘слаткоречиви’ зборови искажаа Макрон и бугарскиот премиер Кирил Петков по повод одлуката на бугарското национално собрание за усвојување на предлогот на француското ротирачко претседателство со ЕУ, дополнет со неколку нови услови. По одбивањето на предлогот од премиерот Ковачевски во Брисел, беше преповторен нашиот став дека ‘Париз сега има позиција на Бугарија и на Македонија и треба да најде начин како да ги приспособи двете позиции, за да дојде до решение, што ќе ги остави двете страни еднакво задоволни или незадоволни’.“

„Според објаснувањата на министерот Бујар Османи, нашите барања за евентуалното прифаќање на францускиот предлог се однесуваат на два збора за употребата на терминот ‘протокол’ и за толкувањето на зборот ‘отворање’!? Што значи конкретно тоа останува да се разјасни во тесните дипломатски кругови и комуникација на релацијата Париз – Софија – Скопје.“

„Ако се направи споредба за добрососедските политики, Бугарија, која е земја-членка на Европската Унија, е единствена во овој потесен балкански ринг што е извор на нестабилност во регионот.“