Убаво им напиша Јовче два пати: Името ќе ви се затре, коренот ќе ви се запусти… (ТРОЕН РЕПОСТ)

Пред две години и 3 месеци за прв пат а потоа уште еднаш еден добро информиран, образован и умен млад човек со име Јован Алтанџиев на тогашниот министер за надворешни работи и на целата влада им објасни каде грешат во односите со Софија и какви ќе бидат последиците за Македонија од тоа што владата на СДСМ го прави потпишувајќи договори со Грција и Бугарија.



За жал не го послушаа.

Целиот (ре)пост од ноември 2020 во кој сега гледаме Јовче точно предвидел што ќе ни прави Бугарија пред замисленото членство во ЕУ:

Репост, април некаде, додуша и многу пред тоа говорено. Само говориме, а караванот врви.

“Инаку, министре Димитров, со ред:

1. Изјавата на Бугарија била стриктно унилатерална.
– Унилатерален беше и ставот на Грција

2. Изјавата немала никаков ефект во пристапните преговори.
– Ќе има, ако сакаат, и за датумот и на секое отварање кластер или поглавје. Впрочем, јасно тоа го изјавуваат во секоја прилика. Баш добрососедски.

3. Лично Нимиц не’ признал
– Нема потреба да објаснуваме зошто и како.

4. Преспанскиот е крајна основа за конечно заокружување на постапката за членство во ОН.
– Добро, како не ви е срам?! Македонија е полноправна членка од 1993. Нема тука никакво “конечно заокружување” и не правете “смут” со времената референца.

5. Договорот го етаблира македонскиот јазик во меѓународните односи.
– Повторно срамно вметнувате измислена придобивка, за нешто што веќе беше етаблирано. Не манипулирајте. Да, во “личната карта” секогаш пишуваше “македонски јазик” и ништо вие тука не извојувавте, напротив само проблематизирате со непотребното “прецизирање”.

6. Понатаму, велите дека некој правел грда збрка меѓу државјанството и националноста.
– Министре, каква нота упативте вие до Грција во врска со ова? Исто ли е националност, народ и етницитет? Уставните измени чинам друго кажуваат.

7. Македонскиот и бугарскиот јазик се во рамноправна позиција според договорт со Бугарија.
– Зошто покрај македонски јазик се додаде “согласно Уставот на РМ”? На што инсистира Бугарија во сите ЕУ документи? Бара ли единствено да стои “официјалниот јазик …”? Колку официјални/службени јазици имаме?

8. Член 14 од договорот не остава простор за менување на правата и обврските кои произлегуваат и од меѓународни инструменти за човекови и малцински права.
– Одредба од билатерален договор е посилна од меѓународните инструменти? Ги почитуваа ли досега? Што преземавте вие во таа насока? Зошто се согласивте со чл. 11 став 4, Македонија да се грижи за правата на “државјаните”, а не поширокиот термин “македонско малцинство”? Што Грција направи во таа насока? За какви меѓународни инструменти зборуваме кога Грција ја нема ратификувано Конвенцијата за заштита на правата на малцинствата. Колку одлуки на Совет на Европа не се спроведени и од БГ и од ГР? Ама ако, за секој случај, сега со Преспанскиот Договор (и чл. 49 од Уставот) го обезбедивте и тоа, Македонците во Македонија да бидат различни од Македонците во Егејскиот дел на Македонија. Татко и син од различна страна на границата да не се исти. Ги забетониравте, со ваш речник.
Кој јазик го говорат Македонците во Егејскиот дел на Македонија т.е. Северниот дел на Грција?

Двата договори се сложувалка во процесот на бришење на македонскиот народ, преку откажување од Македонците во соседството кои големите сили ги третираат како тампон зона во политичко-безбедносна смисла. Тука, на овие 25 713 км2 треба да има хибридна северномакедонска нација, а Македонците во историско-генеричка смисла се коминтеровски конструкт. “

“Името ќе ви се затре, коренот ќе ви се запусти, трага нема да остане од вас. Солзи немам да ве исплачам, толку сте за тажење”.

– Диво Месо, Г. Стефановски, 1979

Јован Алтанџиев
Магистер по меѓународно право и меѓународни односи на Правниот факултет при УКИМ
Фејсбук статус