Откако во петокот во Бугарија помина францускиот предлог и Собранието му даде зелено светло на бугарскиот премиер Кирил Петков да го крене ветото за Македонија да ги отпочне преговорите со Европската Унија, дел од експертската јавност во земјава не се согласува целосно со тоа, поради вметнатиот протокол во преговарачката рамка со кој се негира македонскиот јазик и за преговорите се бараат критериуми кои не биле барани за другите држави кои се веќе членки.
Единственото спорно прашање во францускиот предлог е билатералниот протокол, и ако се најде решение за него, останиот дел од предложената преговарачка рамка е прифатлив, порача во последното телевизиско интервју шефот на дипломатијата Бујар Османи.
„Република Македонија по ниту еден услов не смее да ги започне преговорите во оваа рамка, затоа што единствена рамка во сите останати земји коишто подоцна се приклучија во Европската Унија беа Копенхашките критериуми.
Ние мора да инсистираме и за Република Македонија да бидат исти условите, во спротивно, поентата на пристапувањето кон Европската Унија ја губи својата смисла, бидејќи ова не е мотивирано од европски вредности, туку од тесни балкански вредности на една земја – членка којашто ја злоупотребува својата моќ“, смета Оливер Шамбевски, поранешен македонски амбасадор.







