Павловска: „Бугарскиот’ и ‘Преспанскиот’ договор недозволиво третираат идентитетско-јазични прашања и треба да се раскинат“

„Според меѓународното право, историско-идентитетските и јазичните прашања се недозволен предмет за преговарање и факт е дека Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија се договори за недозволен предмет за преговарање. Меѓународноправните експерти нагласуваат дека иако се ништовни, поради т.н. невозможност, секој од договорите, за кои има факти дека се во спротивност со меѓународното право, е потребно со дипломатска нота да се раскине.“ – вели Јасминка Павловска во својот коментар со наслов „Како сака некој во ЕУ да го легализира нелегалното?!“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.

„Францускиот предлог во правото се нарекува ‘услов што не може да се исполни“

Павловска пишува: „Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во медиумите објаснуваше дека најспорно и најнеприфатливо е што билатералниот протокол за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија е вграден во предложената преговарачка рамка. Токму во тој се уште непотпишан протокол се наведени оперативно процедурите и постапките, преку кои Македонија треба да го спроведе процесот на национално себепоништување и сопствена бугаризација, замислен од Бугарија.“

„Наместо Софија, носител на прекршувањето на меѓународното јавно право станува ЕУ?“

Овој пат носителот на повредата на одредбите од меѓународното јавно право) станува Унијата, а не една нејзина членка. Француската преговарачка рамка во македонската јавност беше доживеана како прифаќање од страна на ЕУ на бугарските антицивилизациски барања за негирање на македонската нација, со која се легитимирани (и легализирани) нејзините барања за национално, историско, јазично, културолошко предефинирање на Македонија и Македонците како услов во преговорите за членство во Унијата.Тоа воопшто не е споменато во критериумите за проширување и е целосно поништување на основните принципи на ЕУ и на меѓународното право за самоопределување и себеидентификување.“

„Вака поставената преговарачка рамка е состојба, што во правото се нарекува поставување ‘услов што не може да се исполни’. Таков договор, според меѓународното право, е генерално ‘ништовен’ и не произведува правно дејство! Токму затоа, документот што е усвоен во бугарското собрание не смее да биде прифатен ниту од другите членки на ЕУ, а никако во највисоките македонски институции и македонското собрание.“

„Идентитетските договори ни се наметнати акти, а секој таков акт е – нелегален!“

„Македонскиот идентитет и македонскиот јазик се апсолутно заштитени со меѓународното право, независно од бугарските ‘аргументи’! Со т.н. француски дополнет предлог на преговарачката рамка со ЕУ за Македонија, всушност, се проблематизира нешто, што во меѓународното право се нарекува ‘materia e constitutionis’ и е во строга внатрешна надлежност на државата. Во таа смисла, идентитетските договори секогаш се наметнати акти, а секој таков акт е нелегален.“

„Преспанскиот договор генерално е ‘ништовен од моментот на склучувањето’, но мора да се раскине, бидејќи за ООН и целата меѓународна заедница е валиден – согласни се повеќе консултирани странски експерти, кои предупредуваат дека премиерот Ковачевски или Министерството за внатрешни работи не смеат да го потпишат протоколот, со кој се прифаќа францускиот предлог за преговарачката рамка за Македонија.“