„Н.М“: „Силна поддршка, или блеф на Џозеф? – ‘Само волјата на Македонците да опстојат им е гаранција за идентитетот“

„Само волјата на македонскиот народ да опстои како посебен народ и неговата волја да си ја зачува сопствената држава може да го гарантираат неговиот идентитет. Тоа е суштината на коментарите, со кои аналитичарите во Македонија го проследија предлогот САД и другите сојузници, кои би можеле да го следат нивното водство, да склучат таканаречени ‘билатерални културни договори со Македонија, со кои би го потврдиле македонскиот идентитет, како одговор на екстремниот бугарски национализам!’. Последново е извадок од авторскиот текст на Едвард Џозеф од Школата за напредни меѓународни студии на универзитетот ‘Џон Хопкинс’, кој опширно ги анализираше проблемите, што Бугарија ѝ ги прави на Македонија.“ – се наведува во анализата, која е објавена во „Нова Македонија“ со наслов „Силна поддршка или блеф на Едвард Џозеф?“.



„Потребно е да се има гаранција од некоја голема сила и за националниот идентитет?!“

Во анализата пишува: „Според аналитичарите во Македонија, со кои се консултиравме, таквата гаранција (билатерални културни договори меѓу САД и Македонија), предложена од Едвард Џозеф, која би била форматирана како официјален документ, би била добредојдена! Но нашите соговорници се убедени дека Вашингтон и без таков документ ја има контролата врз ситуацијата.“

„Ако идејата на Џозеф биде прифатена како основа за дополнителни американски гаранции кон Македонија, над договорените обврски произлезени од членството во НАТО и од меѓувладината спогодба за стратегиска соработка, тогаш тоа е добредојдено. Но, во моментов, не гледам такви придвижувања во Вашингтон. Македонскиот идентитет го гарантира само едно нешто, а тоа се волјата на македонскиот народ да опстои како посебен народ и неговата волја да си ја зачува сопствената држава.’ – објасни поранешниот македонски вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски.“

„Дека САД ја имаат контролата врз ситуацијата се согласни уште некои македонски интелектуалци упатени во случајот. Но, дали САД ќе ја конкретизираат својата начелна поддршка за решавање на спорот и со пишана гаранција, како што велат тие интелектуалци, зависи пред сѐ од подготвеноста на македонската страна да ја поттикне и да ја истурка докрај целата работа. На барањето да дадат процена колку тоа е реално, тие потсетуваат дека Македонија веќе четири години нема амбасадор во САД.“

Македонија има со САД ‘Договор за стратегиско партнерство’ и започнат процес за стратегиски дијалог во Вашингтон од 2.6.2022 година“

„Во својот напис Едвард Џозеф, меѓу другото, тврди дека ‘екстремниот бугарски национализам има една сеопфатна цел: да го негира македонскиот идентитет’. Решението, според него, е САД (и сојузниците, како Велика Британија, кои би можеле да го следат водството на Вашингтон) да склучат билатерален културен договор со Македонија, што го потврдува македонскиот идентитет. ‘Договорот би можел да биде склучен брзо според неодамна отворениот стратегиски дијалог меѓу САД и Македонија.’ – пишува тој. Според Џозеф, Владата на САД ‘ќе признае дека македонскиот народ има своја историја, култура, наследство и македонски јазик – токму тој идентитет што бугарските националисти сакаат да го избришат’.