Британскиот професор по историја на Балканот, Џејмс Петифер, смета дека „не е лош почеток“ исцртувањето три црвени линии од Македонија во однос на францускиот предлог за одблокирање на евроинтеграцијата, но тој би го додал и распуштањето на Мешовитата комисија со Бугарија за историски и образовни прашања.
„Не е лош почеток, но мислам дека требаше да додадат и затворање на заедничкиот комитет за ревизија на училишните и на универзитетските историски книги“, е коментарот на Твитер од професорот на колеџот „Сент крос“ во Оксфорд за трите македонски црвени линии без отстапки за македонскиот јазик, без протоколи за следење на Договорот за пријателство со Бугарија и без уставни измени како услов за почеток на преговорите.






