Нова понуда од „Стопанска банка Скопје“! Што им се нуди на сопствениците на приоритетни акции?


Втор преседан во 30 годишната корпоративна историја. Најголемиот акционер на Стопанска банка Скопје направи нов обид да го реши проблемот со дел од своите акционери.



Откако имателите на приоритетни акции го одбија предлогот да им се зголеми дивидендата за пет пати, тие од банката добија нова понуда. Стопанска банка Скопје ќе нарача и плати независна реномирана компанија да направи сеопфатна анализа и предложи сооднос за конверзија на приоритетни во обични акции. Препораката од анализата нема да биде задолжителна, но ќе биде основа за конверзија…

„Стопанска банка Скопје“ ќе ангажира и ќе плати квалификувана и професионално прифатлива реномирана компанија која врз основа на сеопфатна анализа ќе даде свој предлог за можна конверзија на приоритетните во обични акции на „Стопанска банка Скопје“.

Ова е официјална информација што ја објави „Стопанска банка Скопје“ и со оваа задача големиот акционер на банката ги задолжил органите на управување (т.е. Надзорниот и управниот одбор). Всушност сега органите на управување на банката имаат задолжение да ги превземат сите потребни активности за да се најде реномирана стручна компанија која ќе направи проценка и ќе даде предлог за соодносот при можна конверзија на приоритетните во обични акции на Стопанска банка Скопје.

Овој заклучок следел откако на последното акционерско собрание сопственик на приоритетни акции побарал конверзија на една приоритетна акција за две обични акции. Едноставно кажано тоа значи дека ако лице поседува 100 приоритетни акции во таа банка, да му се даде можност да ги конвертира во 200 обични акции. Основот за таа конверзија, наједноставно кажано, кој го заговараат дел од имателите на приоритетни акции подолго време е во тоа што приоритетната акција има двојно повисока номинална вредност од обичната акција.

Во официјалната информација од Стопанска банка Скопје пишува дека веќе се во постапка на прибирање понуди од реномирани компании кои можат да ја извршат оваа услуга. Исто така е наведено дека откако ќе биде направен тој извештај ќе биде свикано вонредно акционерско собрание на кое ќе биде претставен пред сите акционери.

Воедно пишува дека проценката нема да биде задолжителна за било кој од соптвениците на акции без разлика дали се обични или приоритетни. Но дека проценката ќе биде правична, стручна и објективна основа за соодносот при можна конверзија на приоритетни во обични акции.

Извор

Линк до целиот текст.