„Треба да се верува дека ќе падне проклетството на Македонија, земја која официјално аплицираше за членство во ЕУ од 2005 година.“ – ја пренесува „Нова Македонија“ статијата на францускиот весник „Ла Кроа“ под наслов „Придружувањето кон ЕУ – македонското проклетство“, за која извести Македонската информативна агенција МИА.
„Парискиот весник се осврнува на македонските евроинтеграции“
„Нова Македонија“ пренесува: „По Грција, која стоеше на патот со години, потоа Франција, која ѝ се спротивстави, Бугарија стави вето на преговорите за пристапување на Македонија во Европската унија. Во исто време и Албанија е колатерална жртва. Падот на бугарската влада вечерта на 22 јуни, ден пред балканскиот самит во Брисел дополнително го компромитира деблокирањето на ситуацијата.’ – анализира Мари Вердие од париски ‘Ла Кроа’.“
„Земјите од регионот многу долго тропаат на вратата на Европската Унија. Овој самит требаше да го одбележи ‘повторното ангажирање и реинвестирање на ЕУ во регионот на Западен Балкан’, како што потсети извор од Елисејската палата. Сепак, тој ризикува да заврши во ќорсокак, дури и ако оние околу претседателот сè уште сакаат да веруваат во решение во последните денови од француското претседателство со Советот на ЕУ, пишува понатаму ‘Ла Кроа“.
„Бугарија ги блокира пристапните преговори со Македонија. Падот на владата на Кирил Петков остава малку надеж за успешен исход на спорот. ‘Бугарија има преголеми барања, во однос на историјата, но и на јазикот, го смета македонскиот за бугарски дијалект и бара бугарското малцинство да биде запишано како конститутивен народ во македонскиот Устав. ЕУ не можеше да ја скрши бугарската брава.’ – нагласува Горан Секуловски, специјалист за југословенскиот простор.“
„Падот на премиерот, кој отвора голем период на неизвесност, во позадина на системската политичка нестабилност во Софија, предизвикува страв од нов ќорсокак. ‘Ниту една земја не направи толку многу напори и жртви како с.Македонија во нејзиниот процес на демократизација и решавање на споровите со соседите.’ – забележува Флорен Марсиак, кодиректор на Балканската опсерваторија во Жан Жор. Огорченоста, вели, ги освојува сите балкански земји, кои се чувствуваат маргинализирани.“
„Дваесет години Скопје беше под гневот на Грција, која бараше поранешната југословенска Република Македонија да го смени името, за да се разликува од северниот грчки регион. Штом овој историски спор беше решен во 2018 година, Франција го презеде противењето за проширување во 2019 година. Хоризонтот конечно се чинеше јасен во пролетта 2020 година, кога европските лидери се согласија за нова методологија за членство и дадоа зелено светло за отворање на преговори со Скопје и со Албанија. Но, тогаш Бугарија стави вето.“
„Треба да се верува дека ќе падне проклетството на Македонија, земја која официјално аплицираше за членство од 2005 година и која сè уште го гледа блокиран нејзиниот пат кон евроинтеграцијата’. – пишува демохристијанскиот дневен весник ‘Ла Кроа’.“





