Боцевски: „Не е ‘француски“, туку е на бедните политичарчиња Ковачевски-Петков предлог, кој може да стане кошмар за РМ“

„Што ја предизвика оваа антифранцуска хистерија во јавноста? Предлогот за надминување на бугарското вето кон Македонија беше неправедно наречен ‘француски предлог’ во македонската и бугарската јавност. Всушност, станува збор за предлог Ковачевски – Петков испреговаран до најситните детали на релацијата Скопје – Софија.“ – вели поранешниот македонски вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски во својата колумна со наслов „Не навредувајте ја Франција!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Боцевски пишува: „Француската дипломатија веројатно била само добронамерен посредник и се согласила врз себе да го земе товарот на кукавичлакот на македонската и на бугарската влада самите да се соочат со јавноста, претставувајќи го сопствениот предлог. Франција ги познава лудориите и бедотијата на балканските политичарчиња, па одлучила и овој пат да им излезе во пресрет, сè со цел да ги врзе трајно земјите од Западен Балкан во европската сфера на влијание.“

„Оставете ги пишувањата на локалните квазиинтелектуалци, квазиисторичари и квазианалитичари на политиката и на меѓународните односи. Франција не ги заслужува овие гнасни напади од владините апологети, кои не знаат како да излезат од кашата, што самите си ја зготвија. Франција е стожерна држава на Европската Унија, а Париз е веројатно најмоќен политички центар во ЕУ. Француската дипломатија е една од најмоќните и највмрежените глобални дипломатски служби, со одлично присуство и во Македонија.“

„ Да не се залажуваме дека Франција нема свои интереси во Македонија. Тие се тука присутни повеќе векови, културно, економски и дипломатски. Ќе останат значајна сила за регионот и далеку во недогледната иднина. Француското претседателство со ЕУ беше ужасно пропуштена можност за многу поагресивен настап на Македонија пред француската јавност, но Владата ја сведе целата приказна на нивната опсесија со датумот по секоја цена, па ја однесе целата држава во ендек, а македонската европска интеграција во бездна.“



„Предлогот Ковачевски – Петков лесно може да се претвори во краткорочен и во среднорочен кошмар за Македонија, во злосреќен маѓепсан лавиринт за македонската европска интеграција и во нов безизлез за македонската дипломатија. Но македонскиот однос кон Франција мора да претрпи коренита промена и темелно преобмислување. Тука не зборувам само за македонската надворешна политика, туку и за целото македонско општество. Црниот и црвениот конец на ‘простата и строга македонска приказна’ мора да бидат трајно вткаени во ‘Градот на Светлината’ – Париз.“

„Тоа бара конечно развивање долгорочна стратегија за македонско-француските односи. Нам ни останува само да се чукнеме во главата и да увидиме зошто Франција е убедливо најзапоставената европска велесила во македонската надворешна политика, зошто македонската дипломатија мошне скромно е присутна во Париз.“