Шолц ќе ги поддржи Украина и Молдавија за ЕУ, но мисли и на З. Балкан

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека ќе ги вложи сите напори за Украина и Молдавија да добијат кандидатски статус за ЕУ, но вели дека ЕУ треба да се отвори и за други земји, мислејќи на земјите кандидати од Западен Балкан.



Шолц упати барање ЕУ да премине на донесување надворешнополитички одлуки со квалификувано мнозинство, што подразбира укинување на правото на вето на поединечни земји, но, мала е веројатноста да ја добие поддршката од Франција и од уште неколку земји, јави порталот Политико.

Зборувајќи пред пратениците во Бундестагот, тој рече:

„Ќе ги вложам сите напори во Европскиот совет за да обезбедам цела ЕУ едногласно да ги прифати кандидатурите на Украина и Молдавија за членство“.

Но, додаде дека „ЕУ исто така мора да биде способна да прими нови членови“.

Канцеларот се залага за реформи во ЕУ, првенствено за промена на правилата на гласање, со што би се спречило поединечни земји да блокираат мнозински одлуки, особено нагласувајќи ја надворешната политика како област каде потребна е таква промена.