Никовски: „Дивеењето на Бугарија е последица на Преспанскиот“ – ‘соседските’ договори да не влезат во преговарачката рамка“

„Бугарското вето, со сета негова апсурдност, ги засени сеќавањата од дведецениското грчко вето, но и идентитетските предизвици што на Македонија ѝ ги донесе Преспанскиот договор. Како што се развиваат настаните во Брисел околу создавањето на преговарачката рамка за македонските евроинтеграции (и за наводно надминување на причините за бугарското вето), сѐ повеќе станува јасна надополнувачката поврзаност на Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција. Загрижувачка е тенденцијата овие два билатерални договора да станат дел од преговарачката рамка за Македонија.“ – вели весникот „Нова Македонија“ во својата редакциска анализа со наслов „Унијата те тужи, ЕУ ти суди“.

„Надополнувањата меѓу Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција во пакет со иронијата дека за непочитување и раскинување Грција би тужела пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг“

„Нова Македонија“ пишува: „Токму сега како една од поголемите иронии на обврските за Македонија од Преспанскиот договор е можноста најавена од еден поранешен грчки амбасадор во земјава, дека за негово непочитување и прекршување Грција би тужела во Меѓународниот суд на правдата во Хаг!? Иронијата е дотолку поголема што токму Грција ја игнорираше пресудата на истиот тој суд, кој пресуди дека јужниот македонски сосед ја прекрши Привремената спогодба со ветото од 2008 година во Букурешт за пристапување на Македонија во НАТО. Истата пресуда ја игнорираше и НАТО, па и ЕУ, што беше причина за 11 години подоцна да биде потпишан и Преспанскиот договор.“

„Поранешниот грчки амбасадор во Скопје, Александрос Маљас во една пригода нагласи дека правдата можат да ја бараат во Меѓународниот суд во Хаг, ако некоја нова македонска влада го раскине Преспанскиот договор.“

„Што вели договорот од Преспа? Прво, Атина ја информира другата страна дека, според наше мислење, го прекршила договорот и другата страна треба да одговори. Второто ниво е генералниот секретар на Обединетите нации, кој тешко дека би се вмешал во прашање што е завршено. И третото е заедничка тужба до Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но ако Скопје не сака така, можеме сами да се обратиме. Ова го предвидува договорот. Но за да ја добиеме пресудата во Хаг, ќе бидат потребни неколку години.’ – им објаснил Маљас на грчките медиуми.“

„На меѓународните институции им е јасно дека во случајот со Македонија е прекршено најосновното императивно право, каде што на Македонците им се негира националноста“

„Во контекст на стапиците што ги содржат билатералните договори на Македонија со ЕУ-соседите, поранешниот амбасадор Ристо Никовски предупредува дека тие никако не смеат да влезат во преговарачката рамка за ЕУ, бидејќи во тој случај нив (договорите) ќе ги гарантира Брисел, а Македонија ќе биде беспомошна.“

„Директна последица на Нивици е сегашното политичко дивеење на Бугарија, како и обезличувањето на нашата црква, што фактички претставува Нивици 2. Укинувањето на Договорот од Нивици не треба да оди на меѓународни форуми, туку тоа може и мора да се заврши дома. Нашиот уставен суд се прави отсутен и недоветен и го толерира овој договор, чие потпишување, одобрување (референдум), ратификација и објавување во „Службен весник“… претставуваат нелегални постапки, кои мора да се осудат. Македонија во никој случај не смее да дозволи договорите со Бугарија и Грција да влезат во преговарачката рамка за Унијата, бидејќи во тој случај Брисел ќе ги гарантира нив, а Македонија ќе биде беспомошна,’ – вели Ристо Никовски.“