Колемишевски: „Да се обединиме околу македонската кауза – предлогот на Макрон е погреб на македонскиот идентитет и историја!“

„Францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија е катастрофален за Македонците во неа и ја затвора вратата за Македонците како народ. Тоа нив ги води кон бездната од која нема излегување. Ако се прифати францускиот предлог, во кој се кријат неброени опасности од предлози, тоа ќе ќе значи почеток на крајот на македонската самостојна историја, на идентитетот, јазикот и писмото. Ќе се отвори процесот на бугаризација и асимилација на новите македонски поколенија, со крајна цел Македонија и како територија, еден убав ден, да биде составен дел на Бугарија.“ – вели Панде Колемишевски во својата колумна со наслов „Францускиот предлог добар за државата – катастрофален за Македонците“, која ја објави весникот „Нова Македонија“

„Македонија на уште една историска пресвртница“

Колемишевски пишува: „Низ текстот на Македонците им се нудат прашањата колку се подготвени да жртвуваат од својот национален идентитет, од својата историја, јазик и писмо, колку се подготвени да ги предадат во рацете на Бугарија својата независност, суверенитет, слобода, демократија и национална гордост.“

„Лидерите на Европската Унија го поддржуваат тој пеколен план, а тоа го потврдуваат со прифаќањето на францускиот предлог. Европската понудена обланда однадвор гледано можеби е слатка, но самиот колач има горчлив вкус. Семето на злото посеано со потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија сега ги дава отровните плодови завиени во европски целофан. Политичката агресија, што жестоко ја спроведува Бугарија, удира по македонскиот народ, за кој тврди дека не постои, не постоел некогаш, ниту дека сега има таков народ.“

„Агресија врз македонскиот идентитет“

„Има сериозни навестувања дека македонската страна, преку Бујар Османи, ќе го прифати предлогот без никакви забелешки. Што ќе значи тоа? Тоа ќе биде јавно себепонижување на Македонците, кои го сочинуваат мнозинското население во државата. Тоа ќе значи погребна церемонија за закопување на сето минато и на целокупната сегашност. Ќе значи откажување од Илинденското востание и од Гоце Делчев, од делата на револуционерите и преродбениците, ќе се бара македонска осуда на делото на Крсте Мисирков и неговите наследници. Ќе значи целосна негација на антифашистичката партизанска борба, поништување на АСНОМ и на неговите одлуки, откажување од придобивките што нашите родители и дедовци ги стекнаа низ борба и социјална револуција.“

„Ќе бидат избришани најсветлите настани и национални достигнувања во последните 70-80 години од македонската историја. Ќе се менува колективната меморија на народот, ќе бидат уривани споменици, менувани или палени книги, ќе се бришат славни датуми. Гасне македонизмот, се ликвидира македонската кауза што живееше повеќе од еден век. Македонија ќе се претвори во бела табла испишана со црни слова. Конечно, прифаќањето на предлогот ќе значи дека македонскиот народ е слабак, дека е неспособен за натпревар на меѓународната сцена, дека нема капацитет да си ги одбрани достоинството, државата и националноста и дека навистина не заслужува да постои на мапата на народите.“

„Нова бугарска окупација“

„Со францускиот предлог Македонија и македонскиот народ се пред уште едно распетие, слично како во 1941-та, кога почна востанието против власта на фашистичка Бугарија, како во 1948-та, кога се определуваше меѓу Тито и Сталин, како во 1990-1991, кога се делеше од Титова Југославија и ја освојуваше независноста. Македонскиот народ во сите тие историски премрежиња застана на вистинската страна на историјата и излегуваше како победник. Сега, триесет години по самостојноста, пак е поставен пред дилемата дали ќе остане свој на своето или ќе се предаде во други, туѓи раце.“

„Предлозите од Макрон навестуваат воведување европска диктатура врз македонскиот народ. Таа задача ќе ѝ биде предадена во рацете на Бугарија, која наредните 10-20 години ќе ја има целосната контрола врз македонските процеси. Таква постапка примени нацистичка Германија во Втората светска војна. Тоа ќе биде новата окупација на Бугарија врз Македонија.“

„Останува да се види дали македонските власти ова историско прашање ќе го скршат набрзина преку колена или ќе остават место за уште едно преиспитување, за уште подлабоко согледување и анализирање што добива, а што губи македонскиот народ во својата домицилна држава. За македонскиот народ се работи. Токму затоа нужно е да се отстранат сите меѓупартиски кавги и недоразбирања, сега е време за обединување на сите сили во општеството околу националната кауза на Македонците. Ако ја изгубат оваа битка со Бугарија, нема што повеќе да бараат учество меѓу другите народи. Ќе бидат посрамотени, обезличени, обезглавени.“



Интернет-врска до целата колумна:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/francuskiot-predlog-dobar-za-drzhavata-katastrofalen-za-makedoncite/