Премиерот Димитар Ковачевски не треба да оди во Брисел на Самитот на ЕУ, бидејќи Бугарија постојано поставува нови барања за укинување на ветото, советува шефот на дтжавата, Стево Пендаровски.
. Тој во интервју за ТВ 24 рече дека Ковачевски не треба да оди на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржува пред состанокот на Европскиот совет, каде што треба да се донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија, кои кон крајот на 2020 се блокирани од Софија.
Според Пендаровски, премиерот на Северна Македонија нема што да бара и не треба само да се слика, особено затоа што на средбата на евроамбасадорите бугарската страна поставила нови барања за укинување на ветото на Македонија.
„Го советувам да не оди. Мој совет е ако работите одат вака и ако Бугарите само вчера поднесоа пет нови барања до Корепер, од сетот на нивните небулозни барања во минатото, што ќе правите во Брисел? Само да се сликаш?“, изјави македонскиот претседател.
Лидерите на Отворен Балкан веќе разговарале за тоа дали ќе патуваат во Брисел на Самитот на ЕУ и Западен Балкан. Премиерот Димитар Ковачевски на неговиот официјален Фејсбук профил информира дека во пресрет на претстојниот ЕУ-Западен Балкан самит одржал вонреден состанок на Отворен Балкан заедно со неговите колеги, српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама и оти денеска претпладне ќе ја донесат финалната одлука за учество на самитот во Брисел.






