Костојчиновски: „Не се ново блокадите на Бугарија за влезот на РМ во ЕУ – отсекогаш ги слабеела соседските односи со хегемонизмот“

„Најновите најави на Бугарија дека ќе го блокира добивањето датум за преговорите за влез на Р Македонија во ЕУ повторно, којзнае по кој пат, го отвораат прашањето: има ли воопшто нешто ново во политиката на Бугарија кон Македонија? Ако се направи кратка ретроспектива на минатото, заснована на некои декласифицирани документи од поново време, ќе се види дека односите меѓу двете земји се одвивале низ разни фази. Низ таа ретроспектива ќе се забележат и ставови, што се актуелни и денес, некои слични, некои сосема различни.“ – вели Васко Костојчиновски во својата колумна со наслов „Историскиот хегемонизам на Софија е причина за меѓусоседската атрофија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



„Еден поглед кон поновата историја на политиката на добрососедство меѓу Македонија и Бугарија“

Костојчиновски пишува: „Нужноста од развивање добрососедски односи со Бугарија, отсекогаш била во фокусот на интересите на некогашна СФРJ, при што секогаш во центарот на тие односи се наоѓало т.н. македонско прашање. По еден долг период на ескалација на големобугарскиот национализам и негирање на македонскиот национален идентитет, а особено на македонското малцинство во Пиринска Македонија и спроведениот попис на населението од 1.12.1975 год., Бугарија прави одредени корекции во својата политика.“

„Во тој контекст треба да се нагласи дека политичкото раководство на Бугарија на чело со Т. Живков се дистанцира од тогаш објавената Енциклопедија на Бугарската академија на науки. Се случија смени на раководни кадри во бугарските медиуми што беа особено агресивни, престанаа пречките за слушање на емисиите на Радио Скопје. Беа направени и други отстапки во корист на Македонците како рамноправен народ во југословенската држава.“

„Превртливите позиции на Тодор Живков“

„Тогаш и самиот Тодор Живков даде неколку изјави дека бугарското раководство е подготвено јавно да го соопшти ставот дека секој граѓанин има право самостојно да ја изрази својата национална припадност; дека во Благоевградскиот округ живеат и Македонци и дека бугарската страна е подготвена да ја признае македонската нација без временското одредување на нејзиното постоење. Со изнесувањето на таквите ставови се напушташе стојалиштето дека македонската нација е ‘коминтерновски продукт“.

„Подоцна Живков во јавните настапи свесно ги премолчува тие изјави. Од негова страна е понудена нова формула А и Б, односно бугарската страна да ја признае македонската нација во рамките на СР Македонија, а југословенската страна да се откаже од постоењето на македонско национално малцинство во Бугарија. Во пораката упатена до Тито од 25 март 1975 год., Тодор Живков отворено кажува дека нема да отстапи од своите ставови во поглед на признавањето на македонското национално малцинство во Бугарија.“

Интернет-врска до целата колумна:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/istoriskiot-hegemonizam-na-sofija-e-prichina-za-megjusosedskata-atrofija/