„Владата има можности да повлијае на цената на горивата до одреден степен. Зошто не го прави тоа?“ – прашува весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар со наслов „Знае ли Ковачевски колкава е цената на горивата?“
„Скопско ехо“ пишува: „„Горивата во Македонија одново добија нови цени. Цената на дизелот поскапе за половина денар и се изедначи со онаа на бензинот од 95 октани од 110 денари. Бензин од 98 октани ќе има цена од 112 денари, откако тие поевтинија по 1 ипол денар. Нема да биде изненадување и денеска – утре пак да има нови цени. Ваквиот развој на настаните ги покренува нагоре и другите цени. Ќе има ли ова крај, во многу зависи од ситуацијата во светот.“
„Но, да се ублажат работите може и со дејствување на нашата Влада. Таа има можности да повлијае на цената на горивата до одреден степен. Зошто не го прави тоа?“
„Нешто мора да се преземе. Хрватската Влада од вчера реши да ги ограничи цените на горивата на бензинските пумпи надвор од автопатиштата. Тоа значи дека граѓаните ќе бидат заштитени од новите поскапувања, а државата ќе зема помалку акцизи и ќе има помал приход во Буџетот. Гледа ли нашата Влада што преземаат другите?“
„Премиерот Димитар Ковачевски упорно ништо не прави во однос на порастот на цените на горивото. Се оглушува на барањата на опозицијата да се намалат акцизите, што би ја намалило цената и по 20 денари по литар. Во државната каса се собираат многу повеќе пари по основ на акцизи од оние коишто биле проектирани кон крајот на минатата година кога цените на горивата биле пониски.
„Тоа ли е поважната цел? Не може ли да се направи рамнотежа, оти важно е и сметките на граѓаните да не се соголат. Владата нека штеди малку повеќе Владата, бидејќи и тоа е добро решение во криза, а не само да се полни касата со давачки од народот.“
„Трговските фирми неодамна направија убав гест кога дадоа предлог, со кој самите побараа да им се ограничат и да им се намалат маржите, кои што ги вградуваат во цените на производите и ги наплатуваат од граѓаните. Зошто и државата не би постапила така со оглед дека кризата станува се потешка за граѓаните?
„Зарем е можно Ковачевски да не знае колку е цената на горивата, па затоа да не реагира? Прашуваме оти неговиот најважен коалиционен партнер, кој често му суфлира што да прави и што да да каже, не ги знаеше цените по маркетите – жена му била за тие работи.“





