Во Белгија штрајк поради поскапувањето, аеродромот во Брисел ги откажа сите летови

Штрајкот во Белгија поради зголемените животни трошоци го принуди бриселскиот аеродром да ги откаже сите патнички летови денеска, а автобуските линии беа прекинати низ целата земја.



Синдикатите соопштија дека очекуваат десетици илјади луѓе да протестираат во Брисел. Возовите сообраќаат делумно за да им овозможат на демонстрантите да се соберат во главниот град на Белгија.

Аеродромот во Брисел соопшти дека не може да дозволи полетување на патнички летови бидејќи штрајкот се проширил и на безбедносниот персонал. Локалниот јавен превоз обезбедува минимални услуги.

Инфлацијата во Белгија достигна девет проценти во јуни и го одразува наглото зголемување на цените насекаде, најмногу поради тоа што руската инвазија на Украина го погоди снабдувањето со жито и предизвика пораст на цените на енергијата.

Премиерот Александар Де Кро рече дека белгиските работници се подобро заштитени од работниците во повеќето други земји од Европската Унија, бидејќи платите се прилагодени според инфлацијата.

Де Кро изјави за јавниот радиодифузен сервис РТБФ дека владата ги продолжила мерките за намалување на даноците за продажба на гас, електрична енергија и гориво до крајот на годината.