„Во амбиент на разгорени политички превирања во Бугарија, за чиј развој на настаните е заинтересирана Македонија, заради можното повлекување на ветото за нејзините евроинтеграции, големо внимание за аналитичарите привлече обраќањето на премиерот Петков, кој изјави дека е решен од Бугарија да направи ‘нормална и европска земја’, но во идно време.“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Источниот сосед ќе го биде, но засега е далеку од ‘нормална и европска држава“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Павловска пишува: „Со едноставна аналогија на изјавата на Петков, на политиколозите и воопшто на јавноста, недвосмислено им се наметна логичниот заклучок дека во актуелниов миг Бугарија воопшто не е ‘нормална и европска земја’, иако уште од 2007 година е членка на Европската Унија! Со таквата изјава во својство на премиер Кирил Петков на отворена сцена ја призна противречноста на Софија, која не почитувајќи и не применувајќи ги европските вредности и стандарди, го погазува меѓународното право и три години уценува со вето и го блокира почетокот на евроинтегративниот процес на Македонија.“
„Кирил Петков со отрезнувачка изјава за граѓаните на Бугарија“
„На првиот ден од ‘превратот’ во бугарското собрание, на 17 јуни, премиерот на Владата на Бугарија Кирил Петков, заедно со пратениците од владејачката коалиција, излезе пред парламентот во Софија на протест поради смената на дотогашниот собраниски спикер, Никоја Минчев. Обраќајќи им се преку мегафон на собраните на протестот, Петков порачал дека ‘Бугарија ќе биде нормална и европска земја’. ‘Само заедно можеме повеќе. Нема да ве предадеме. Ќе победиме. Нема да ѝ ја предадеме државата на мафијата.’ – рекол Петков на протестниот собир во Софија.“
„Кога станува збор за темата ‘Бугарија како европска и нормална држава’, Стојко Стојков, претседател на ОМО Илинден – Пирин, организација во Бугарија што се бори за малцинските права на Македонците во таа земја (негацијата на постоењето на Македонците во Бугарија е еден од условите, што бугарската страна сака да бидат внесени во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија), без подолго размислување кажува дека таа никогаш и не била нормална европска држава!“
„Европската Унија свесно ја прими Бугарија, знаејќи дека ни оддалеку не ги исполнуваше нејзините критериуми и стандарди, само поради геополитички причини. Иако 15 години е членка на ЕУ, на Бугарија никако не може да се гледа како на нормална европска држава, бидејќи таа тоа никогаш и не била. За овие 15 години не беше спроведена лустрација во бугарското општество на политичките личности и одлуки од претходниот систем,. Сѐ уште не се реформирани безбедносните служби, во кои големо влијание имаат елементите од комунизмот. Таквите комунистички елементи во безбедносните структури ја создадоа и ја одржуваат мафијата во политиката и во бизнисот. А тоа го знае и ЕУ, дека Бугарија е прикриено тоталитарна земја, со контролирани политички процеси, со магнати под влијание на кланови од времето на комунизмот, со проблеми во слободата на говорот. Бугарија не е реформирана земја, а работата на реформските комисии е ‘потемкинови села’. Ако по некое чудо Бугарија излезе од ЕУ и треба повторно да се кандидира за членство во Унијата, би била многу поназад во оцените за исполнување на критериумите за проширување од Македонија. Во моментов, според спроведените реформи, Македонија е многу поевропска земја од Бугарија.’ – вели Стојко Стојков.“
Интернет-врска до целата анализа:





