Огромната воена помош што Вашингтон му ја дава на Киев може да резултира со прераснување на конфликтот во Украина во Трета светска војна, предупреди поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
„Имаме војна во Украина… и можеби таа ќе доведе до Трета светска војна поради начинот на кој се справуваме со неа“, предупреди тој во говорот на религиозната конзервативна конференција во Нешвил, Тенеси, во петокот.
„Само што дадовме 40 милијарди долари на претходните 16 милијарди. Значи, 56 милијарди долари“, рече тој во врска со пакетите помош што администрацијата на Бајден веќе ги одобри за Украина во услови на конфликт со Русија.
„Но, кога ќе ја погледнете Европа – и Германија, и Франција и сите други земји – тие дадоа мал дел, мал, мал дел од она што го даваме ние. Ние даваме 56 милијарди долари, а тие даваат неколку милијарди долари. И тие се оние кои се многу повеќе погодени“, рече тој.
Трамп уште еднаш го обвини за конфликтот претседателот Џо Бајден, кој го замени во Белата куќа, инсистирајќи дека „да бев претседател, тоа никогаш немаше да се случи“.
„И го запознав Путин многу добро и разговаравме за тоа… тој знаеше дека последиците ќе бидат огромни. Тој го сфати тоа и никогаш немаше да го стори тоа“, инсистираше поранешниот претседател.
„Ако изборите не беа наместени и украдени, немаше да имаме никакви проблеми со злобно нападнатата Украина“, рече тој.






