Радев: Петков е премиер, а не курир на странски предлози

Кабинетот на Петков не успеа да подготви бугарски предлог, а сега поднесува француски, и целата одговорност сака да ја префрли на Националното собрание без да каже свој став, изјави бугарскиот претседател Румен Радев за францускиот предлог што Кирил Петков го достави до парламентарната Комисија за надворешна политика за почеток на преговорите за Македонија со ЕУ.

Тој не е курир, туку премиер, изјавил Радев, јави БГНЕС.



„Предлогот на француското претседателство е чекор во вистинската насока, но остануваат уште низа прашања кои треба да се разјаснат пред да се укине ветото“, нагласи Румен Радев.

„Барањето за вклучување на Бугарите во Уставот на РСМ мора да се направи пред почетокот на преговорите.

Но, не помалку важни се јасните механизми и мерливите критериуми за искоренување на десетгодишната политика на дебугаризација, кражба и фалсификување на бугарската историја, како и за обновување на уништените споменици и знаци на бугарството на овие земји и за зачувување на бугарското културно наследство, искоренување на говорот на омраза, рехабилитација на жртвите само затоа што се нарекувале Бугари“, рекол Радев.

Тој очекува бугарската влада да ги разјасни овие прашања, да побара јасни механизми и гаранции.