Лидерот на опозициската партија ГЕРБ, Бојко Борисов, побара премиерот Кирил Петков да внимава кога вели дека во бугарското Собрание има нова коалиција на партиите ГЕРБ, ДПС, ИТН и Преродба и дека тие се – мафија.
„Ако ова е вистина, ако пребарате на Гугл, ќе видите дека италијанската, албанската мафија не се ништо во споредба со нас. Затоа што оваа мафија ќе брои над 1,5 милиони луѓе. Бидете сериозни!“, повика Борисов.
Тој категорично ги отфрли тврдењата на владејачката партија дека е формирана нова коалиција.
„Вчера четирите партии го изгласаа буџетот, а на народот му велат дека опозицијата е во коалиција. Ова е шизофренија“, рече лидерот на ГЕРБ.
Тој рече дека претседателот на парламентот Никола Минчев паднал затоа што се однесувал дрско, а причина за распаѓање на владината коалиција било затоа што била непринципиелна.






