“Amnesty International”: Одлуката за екстрадиција на Асанж е застрашувачка порака за новинарите во светот

Генералната секретарка на организацијата за човекови права “Amnesty International” Агнес Каламар изјавила дека одлуката на Велика Британија за екстрадиција на Џулијан Асанж на САД е застрашувачка порака за новинарите ширум светот.



„Екстрадицијата на Асанж ќе ги доведе во голем ризик и ќе прати застрашувачка порака до новинарите ширум светот. Ако екстрадицијата продолжи, “Amnesty International” е многу загрижен дека Асанж ќе се соочи со голем ризик од продолжено затворање во самица, што ќе ја прекрши забраната за мачење или друго злоставување“, рекла Каламар, пренесува “Index”.

Таа истакнала дека дипломатските уверувања на САД дека Асанж нема да биде затворен во самица не може да бидат сериозно сфатени поради претходни постапки на американските власти.

„Ја повикуваме Велика Британија да се воздржи од екстрадиција на Асанж, а САД да ги отфрлат обвиненијата и Асанж да се ослободи“, апелирала Каламар.

Организацијата “Wikileaks” соопштила дека денешната одлука за екстрадиција не е крај на правната битка и најавила жалба, со порака дека ова е црн ден за медиумската слобода.

Британската министерка за внатрешни работи Прити Пател го одобрила барањето за екстрадиција на Асанж во САД, каде му се заканува казна затвор од 175 години.