„Заради влегување во ‘европскиот рај“ сега ќе мораме да се откажеме од македонството, бидејќи Париз ги стави бугарските барања во преговарачката рамка и тоа во важниот кластер “’Фундаменти’. По ова треба да се свртиме кон самите себе во Македонија, да ја консолидираме, да работиме, да ја развиваме и да почекаме подемократски амбиент во ЕУ.“ – вели весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар со наслов „Можат ли Пендаровски и Ковачевски да им кажат ‘НЕ’ на странците?“
„Скопско ехо“ пишува: „Со денови македонската јавност чекаше Франција да помогне во отстранувањето на бугарското вето. Така најавија од кабинетот на претседателот Макрон. Кај многумина во Македонија имаше надеж дека Париз ќе биде центарот од каде што ќе се потврдат принципите на ЕУ за демократија, човекови права, рамноправност, правичност… И, еве, во Софија стигнаа француските документи како решение за проблемот.“
„Според пренесеното, Македонија ќе треба да се обврзе да го смени Уставот во брз рок за да ги внесе Бугарите во преамбулата, а потоа и да донесе Акциски план за заштита на нивните права, за да ги започне пристапните преговори со ЕУ. Поголемиот дел од ултимативните барања на Бугарија се сели во Преговарачката рамка.“
„Во што се состои понудената помош? Да ни се даде фамозниот ‘датум’ по кој ќе добиваме датуми кога Бугарија ќе ни кажува што треба да направиме, а ЕУ тоа ќе го одобрува со документ и ќе проверува дали Македонија исполнува? Македонската Влада навистина не знаеше каков предлог подготвува Франција? Што правеше македонското МНР по ова круцијално прашање за Македонија? Чекаше да види што ќе си се договорат Франција и Бугарија, а во меѓувреме шеташе по светот да укажува дека сме во НАТО?“
Се редат многу прашања во јавноста од синоќа кога медиумите го обзнанија францускиот предлог. Револтот кон однесувањето на македонската дипломатија и Влада е голем, како и кон однесувањето на ЕУ, која ги крши своите принципи и во преговарачка рамка става нешто што до сега никогаш не било ставено. Вака даден ‘датум’ нас не носи поблиску до ЕУ или дури сега не оддалечија од влезната врата? Да, јасно е дека првично се добива впечаток дека влезот во ‘европскиот рај’ може да биде побрз, ама само ако претходно направиме ‘ѓаволска’ работа и се откажеме од македонството.“
Париз е јасен: ги стави бугарските барања во преговарачкиот процес и тоа во важниот кластер Фундаменти. На македонската страна е да одлучи дали тоа го прифаќа. А што всушност треба да прифати? Дека Софија може преговорите да ги закочи во секој момент, на пример, ако Македонија не изгради уште еден бугарски клуб со исто име како битолскиот, ама сега среде Скопје. Можно ли е вакви ултиматуми и документи поврзани со нашата држава да се прават по разните светските центри ако некој во Македонија не остава впечаток дека се може да пројде во Скопје?“
„Премиерот Ковачевски и целата влада, како и претседателот Пендаровски, се на потег. Дали знаат и дали можат тие да им кажат ‘НЕ’ на странските дипломати? По таквиот одговор,треба да се свртиме кон самите себе во Македонија, да ја консолидираме, да работиме, да ја развиваме и да почекаме подемократски амбиент во ЕУ.“





