„Бугарија ја тресе силен политички земјотрес, за што најголемиот број бугарски политичари причината ја бараат во Македонија. Доскорешниот коалициски партнер на бугарскиот премиер Кирил Петков, Слави Трифонов од ‘Има таков народ’ ја напушти Владата со образложение дека се одлучил на тој чекор, поради Македонија и отстапките, што е подготвен да ги направи бугарскиот премиер на штета на бугарските национални интереси.“ – вели Сашо Таневски во својот коментар со наслов „Бугарска каша-попара“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.
Таневски пишува: „Политичарите во Бугарија немаат храброст да се соочат со реалните проблеми во земјата и да ги решаваат, па наместо тоа се користи параванот ‘Македонија’, за да се заработи некој политички поен и да се стекне подобра позиција пред некои нови предвремени парламентарни избори.“
„Во ваква ситуација, Бугарија на европскиот самит на 23 и 24 јуни повторно ќе стави вето за земјава и ќе го задоволи сопствениот каприц. Ако единствено се случи драматичен исчекор, па Европа, милум (со полно ковчеже евра) или (со закана од затворање на славините со евра за Софија), издејствува согласност за отстранување на ветото…“
„Бугарите ништо нема да добијат, ако повторно блокираат. Веќе следниот ден омразата меѓу двата народа уште повеќе ќе се зголеми. Наместо меѓусебно инфраструктурно поврзување, ќе следува ново одложување и фокусирање на проекти со другите соседи. Наместо културна соработка, ќе се случи културно ембарго. Ниту туризмот нема да заживее. Односите меѓу двете земји ќе се сведат на рамниште само на неопходна студена дипломатска комуникација и ништо повеќе. Преговори повеќе нема да има.“
„Единствен виновник за сето тоа ќе биде Бугарија, која изминатите години наметна апсурдни барања за прифаќање на нивната историја, култура, идентитет и јазик од страна на македонскиот народ, ако сака да биде дел од Европската Унија. Бугарија се дрзнува, кажувајќи дали еден народ може да зборува на свој мајчин јазик, ако тој јазик не биде одобрен од нив. Колку и да сака Петков да се претставува како либерален и европски политичар, треба да му биде јасно дека никој нема право да му наметнува идентитет, јазик и историја на некој друг народ.“
„Македонија ќе дочека уште еден јунски самит, а македонските граѓани веќе отрпнаа на бугарските опструкции. Веќе не очекуваме ниту студени тушеви, бидејќи знаеме однапред каква е водата. Сега сме рамнодушни. Нè разочараа сите што можеа да нè разочараат, па не случајно шефот на македонската дипломатија говори веќе за ‘погребување’ на европската иднина на Македонија и на целиот регион.“
Интернет-врска до целиот коментар:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/bugarska-kasha-popara/





