Таневски: „Предупреди за евроскептицизам и ‘брутален путинизам’ во Бугарија, ако се присилува да го крене ветото!“

„Ако Европа ја притисне Бугарија да го крене ветото, тоа ќе предизвика силна реакција на бугарското општество, кое во овој момент, со оглед на резултатите од сите анкети, не е расположено да се согласи со почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, без да бидат прифатени сите нивни услови.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Зошто отстранувањето на бугарското вето е меч со две сечила за ЕУ?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Таневски пишува: „Бугарскиот премиер Кирил Петков најави дека секој предлог од европските партнери, што е поврзан со кревање на ветото за Македонија, ќе треба да го одобрат пратениците во бугарското собрание. Петков сака одлуката да биде донесена со усогласеност меѓу поголемите политички чинители во Бугарија, за да не се предизвика дополнителна поделба во бугарското општество, но и да нема сериозни потреси на политичката сцена.“

„Постојат сериозни показатели, на кои посочуваат бугарските аналитичари и политиколози, дека ќе се создаде опасност од зголемување на евроскептицизмот во земјата, ако Европа ја принуди Бугарија да го подигне ветото за Македонија без усогласена одлука на поголемите политички чинители. Оти со тоа уште повеќе би се зголемиле и русофилијата и симпатиите кон рускиот претседател Путин, кои и сега во Бугарија отворено се искажуваат.“

„Брисел е свесен дека ќе се случи силен антизападен бран во Бугарија, ако продолжи силниот притисок врз неа“

„Бугарските аналитичари предупредуваат дека Европа само ќе поттикне реакција кај бугарскиот народ, ако преземе акција што ќе биде доживеана како притисок врз нивната земја. “Ако Бугарија го укине ветото, тоа ќе ги зајакне антиевропските чувства. Бугарите веднаш ќе сфатат дека Владата го прави тоа под диктат на нашите западни партнери.’ смета Димитар Ганев од бугарската ‘Социолошка агенција – тренд’.“

„Бугарскиот политиколог Парван Симеонов од агенцијата ‘Галуп интернешенал Балкан’ се согласува со прогнозите на Димитар Ганев, дополнувајќи дека речиси 70 отсто од Бугарите се против укинувањето на ветото на Скопје, а ако се случи тоа, Западот ќе добие силно антиевропско расположение во Бугарија, кое го именува како ‘брутален путинизам’!“

„Аналитичарот Владимир Владимиров смета дека ‘бугарското вето за Македонија е акција на руските специјални служби, кои продолжуваат да работат во Бугарија’! ‘Ветото е акција на руските специјални служби. Ова е класичен пример за хибридна акција спрема НАТО и спрема ЕУ. Сите можни клучни руски играчи во Бугарија се вклучени во оваа работа: да ја немаме оваа Влада на Петков и да се запре европскиот развој на Бугарија и на целиот Западен Балкан.’ – вели Владимиров.“

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/zoshto-otstranuvanjeto-na-bugarskoto-veto-e-mech-so-dve-sechila-za-eu/