Премиерот на Албанија, Еди Рама вчера од Киев изјавил дека Украина не ја признава независноста на Косово, но и дека покрај тоа, Косово ја поддржува Украина од почетокот на конфликтот и воведе санкции кон Русија, пренесува „Albanian post“.
„Морате да го преиспитате признавањето на Косово бидејќи тие го заслужуваат тоа“, рекол Рама за време на средбата со украинскиот премиер Денис Шмихал.
„Би било добро Украина да ја испрати вистинската порака за новата европска реалност што сакаме да ја изградиме“, додал Рама.
Според претседателот на албанската влада, Косово докажало дека не е заложник на минатото.
Претходно, на прес-конференција со црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и украинскиот претседател Володимир Зеленски, Рама рече дека постои „шеста земја на Западен Балкан, која Украина сè уште не ја признала, но која сепак воведе санкции и му даде целосна поддршка на Киев“.
Исто така, албанскиот премиер му порачал на Зеленски дека земјите од Западен Балкан немаат проблем со доделување кандидатски статус на Украина за членство во ЕУ.






