Покрај ВМРО-ДПМНЕ, најголем губитник на локалните избори е БЕСА

Покрај ВМРО-ДПМНЕ, кој доживеа вистински дебакл на шестите локални избори во самостојна Македонија, менувајќи ги улогите со СДСМ во однос на 2013 година, најголем губитник е движењето БЕСА.
Само десет месеци откако извојува каква-таква победа на парламентарните избори, партијата на Никола Груевски освои само пет градоначалнички места, од кои едно во град (Кавадарци) и четири во приградски или селски општини (Илинден, Сопиште, Петровец и Зрновци), неспоредливо во однос на 56. општини во кои имаше градоначалник пред четири години. Резултат речиси идентично поразителен како тој на СДСМ на претходните локални избори, кога ги освои само Струмица, Куманово, Центар и Ранковце.
БЕСА, пак, од втора политичка сила во албанскиот блок падна на третото место, зад ДУИ и Алијанса за Албанците, губејќи 8.000 гласа во однос на декемвриските избори за народните пратеници, кога избра да не влезе во Владата на Зоран Заев. Партијата на Билал Касами ќе го има првиот човек само во општина Желино, каде што Блерим Сејди го победи Фатмир Изаири од ДУИ, а кандидатите на БЕСА во вториот круг беа поразени во Тетово, во Теарце, во Липково, во Сарај и во Студеничани.