Фудбалскиот клуб Вардар на денешен ден пред 35 години стана првиот и единствен тим од Македонија со титулата шампион на Југославија, додавајќи го лигашкиот трофеј на тој од Купот освоен во 1961 година.
Почнувајќи го првенството како една од шесте екипи на кои не им беа одземени шест бода поради лажирање натпревари во претходната сезона, „црвено-црните“ завршија први на табелата со 38 бода од 34 одиграни меча, во кои остварија 15 победи, 8 нерешени и 11 порази.
Одлуката на тогашниот Фудбалски сојуз на Југославија за казнување на „местачите“ со по -6 бода подоцна беше соборена по судски пат, но за УЕФА, која не прифаќа мешање на државата во фудбалот, југословенски првак за сезоната 1986/87 официјално е Вардар.
Тренерот Андон Дончевски тогаш ја водеше златната вардарова генерација со Тони Савевски, Драган Канатларовски, Илија Најдоски, Дарко Панчев, Васил Рингов, Вујадин Станојковиќ, Љупчо Марковски, Јовче Џипунов, Бобан Бабунски, Чедомир Јаневски, Момчило Грошев, Милко Симовски, Љупчо Лазаров, Венцислав Симоновски, Мирко Петров, Благоја Тодоровски, Никола Аврамовски, Зоран Трајчевски, Горан Стојановиќ, Николче Филипов, Тони Атанасовски и Јовко Бизимовски.
Панчев беше најдобар стрелец на тимот со 18 гола во шампионската сезона.






