„Скопско ехо“:„ЕУ ќе покаже во јуни дали ќе отстапи од принципите за правото да се има сопствен идентитет и јазик“

„Европа со децении гордо и по малку надмено му укажува на останатиот дел од светот дека е лулка на демократијата и човечките слободи. ЕУ тоа го презема како свое непишано мото. Крајот на овој јуни е повторниот термин кога Македонија треба да добие датум по кој ќе добива датуми за преговори со ЕУ за зачленување во унијата, која како што велат е расадник на слободата и правичноста. Ама… како што се навестува, датумот најверојатно пак нема да дојде, иако е ветен од лидерите на ЕУ уште одамна.“ – вели весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар со наслов „Може ли ЕУ да се придржува до своите 6 темелни вредности, за кои нам ни држи лекции?“

„Колку ЕУ го практикува сето тоа со кое се фали?“

„Скопско ехо“ пишува: „Продолжуваат условите, ултиматумите, па и уцените кои членка на ЕУ ги поставува пред Македонија. Сетете се: дури и премиерот на Холандија кажа дека нема да дозволат некој да се однесува како што сака. Зарем јавноста во Македонија одново ќе ги слушне објаснувањата дека една држава-членка ставила вето заради неисполнувањето на условите и оти ЕУ многу не сака во своето друштво, но…?“

„Повторно одредени влијателни лица од ЕУ, кои последниве месеци и години изјавуваат дека Македонија ги исполнува сите услови за почеток на преговорите, ќе ни кажуваат дека барањата на Бугарија, со кои се задира во правото на еден народ да има сопствен идентитет и јазик, претставуваат отстапување од темелните европски вредности и принципи…“

„А токму европските вредности се она, што е вградено во темелите на ЕУ и поради што таа стана своевиден демократски стандард за останатите делови на светот. Тие се содржани во правата на граѓаните, определени во шест точки: Човечко достоинство, Слобода, Демократија, Еднаквост, Владеење на правото и Човекови права.“

„Се држи ли ЕУ токму до сопствените темелни вредности, кои самата ги прокламира? Може ли да ги спроведува кон сите или…? Одговорот на ова македонските граѓани повторно ќе можат да го видат кон крајот на јуни.“