Претседателот на австрискиот Парламент, Волфганг Соботка, го нуди нон-пејперот на својата земја како начин за спречување на блокадите на патот на кандидатите за членство во Европската унија, посочувајќи го притоа „неподносливото“ бугарско вето за Македонија.
Тоа, според него, му штети на угледот на Европската унија во регионот, а блокадата не би била можна со нон-пејперот, кој предвидува уште пред исполнувањето на условите, на пример во областа на владеењето на правото, да се спроведе официјално и правно економска интеграција на земјата-кандидат.
Соботка го критикуваше сегашниот пристапен процес со 35 поглавја, во кој, вели тој во интервјуто за австриската државна новинска агенција АПА, „бесконечно долго се преговара без на граѓаните да им се покаже перспективата“.
Покрај тоа, нон-пејперот црпи поуки од претходните пристапни процеси, објаснува спикерот на Парламентот во Виена, издвојувајќи ги тие на Бугарија и на Романија како негативен пример.
„Бугарија и Романија пристапија по многу краток период и се сакаше дополнително да с ерешат повеќе прашања, како што е владеењето на правото. Таква ситуација не сакаме по вторпат“, изјави тој.
Соботка нагласува дека економската интеграција не ја исклучува политичката, туку само би ѝ претходела како охрабрување и за земјата-кандидат, и за членките на ЕУ да не ѝ поставуваат сопки, туку да ѝ помогнат побрзо да им се придружи.
„Со процесот управуваат земјите што сакаат да пристапат. Ако ги исполнат сите услови, тогаш ќе бидат членки“, вели тој.
Во врска со зачленувањето на Украина во Унијата, претседателот на австрискиот парламент го повтори ставот на канцеларот Карл Нехамер дека Австрија никогаш нема да одобри статус кандидат за неа за сметка на државите од Западен Балкан.
„Тоа Австрија никогаш нема да го поддржи“, одговори тој за повиците до Брисел за брз пристапен процес на Украина среде војната со Русија на своја територија.






