Германскиот канцелар Олаф Шолц кој претпладнево е во посета на Скопје нагласи дека е воодушевен од политичката сила која, како што кажа, овозможи да дојде до договор со Грција.
Затоа, како што рече, остатокот од задачата треба исто да ни успее и тоа е нешто за што граѓаните од С, Македонија и Владата работеа многу. Сега, нагласи Шолц, треба да ги вложиме сите наши напори.
Македонија, според него, ги исполни сите предуслови и нагласи оти лично ќе се заложи да се случи следниот чекор.
„Пристапните преговори треба да започнат и јас ќе се заложам за тоа. Ја охрабрувам Северна Македонија да продолжи ангажирано по патот на реформите“, рече Шолц на зањедничката прес-конференција со неговиот домакин, премиерот Димитар Ковачевски.
Билатералните односи меѓу двете земји, како што оцени, не се само политички, туку и економски, разновидни и блиски. Тоа, како што кажа, е плус причина зошто Германија ја поддржува Северна Македонија на својот пат на ЕУ.
Премиерот Ковачевски потенцира оти ова е втора посета на еден германски канцелар, што, според него, сведочи за исклучително добрите односи меѓу двете земји.
„Поддршката што ја добиваме од Сојузна Република Германија е силна, постојана и недвосмислена. Таа поддршка за нас е огромно охрабрување за нашите аспирации да изградиме просперитетно општество кое се темели врз европски вредности како рамноправен партнер на Сојузна Република Германија и другите земји членки на ЕУ.“
Посетата на Шолц, токму во пресрет на Самитот на ЕУ, според Ковачевски, е силен знак на поддршка на исполнетите критериуми на Македонија. „Заедничките цели се нашата земја да е членка на ЕУ“, рече Ковачевски. МИА







