На заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц во Белград српскиот претседател Александар Вучиќ одговори на неговата порака претходно во Приштина дека за земјите во регионот нема Европска унија без меѓусебно признавање.
„Колку што вие го сакате територијалниот интегритет на Украина, Србите го сакаат територијалниот интегритет на Србија“, одговори Вучиќ на прашањето од известувачот на германски „Шпигел“ пред високиот гостин од Берлин, потсетувајќи дека сè уште е на сила резолуцијата 1244 на Обединетите нации, која го гарантира територијалниот интегритет на Србија.
Шефот на српската држава нагласи дека денеска првпат слушнал од некого од Европа дека од Србија се бара меѓусебно признавање со Косово и истакна дека неговата земја ќе го разгледа својот однос кон тоа во наредниот период.
„Ние не реагираме на тој начин, на притисок со кој некој нам нешто ни се заканува, па морате да го направите тоа од многу причини и не би сакал денеска за тоа. Чувме денеска дека се бара меѓусебно признавање, слушавме и за тоа што и е дел од преговарачката платформа што Србија ја има со ЕУ, а тоа е сеопфатна нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. И никогаш никој не зборуваше за меѓусебно признавање“, изјави тој.
Вучиќ додаде дека само Американците го усвоиле тоа како своја доктрина пред три години, но никој во Европа не бара(л) официјално меѓусебно признавање.
„Тоа го слушнавме денеска на конференцијата во Приштина. Можам да го разберам тоа, тоа е она што го предвидов. Работите се менуваат на штета на Србија. Но, ако мислите дека треба да ни се закануваат бидејќи сакаме да го зачуваме поредокот на ОН и да постигнеме компромисно решение – вие работете си ја својата работа, а ние нашата“, порача претседателот на Србија.
Пред доаѓањето во Белград, Шолц ја посети Приштина, каде што нагласи дека договорот меѓу Косово и Србија мора да го реши и прашањето за признавањето, бидејќи, како што рече, незамисливо е две земји што меѓусебно не се признаваат да станат членки на ЕУ.






