Украина губи 100-200 војници дневно во битката за Донбас

Украина губи од 100 до 200 војници дневно во битката за Донбас против Русија, изјави за Би-Би-Си Михаил Подолјак, помошник на украинскиот претседател Володимир Зеленски.



Бројките се повисоки од претходните што ги призна Киев. Пред нешто повеќе од една недела, претседателот Зеленски рече дека во Донбас секојдневно гинсат од 60 до 100 украински војници, а уште 500 се повредени.

Таков висок број на воени жртви се резултат на „целосен недостиг на паритет“ меѓу силите во Донбас, објасни Подолјак. На Киев му треба Запад да испорача дури 300 системи за повеќекратно лансирање ракети за да ги израмни силите на „теренот за игра“, рече тој.

Досега САД одобрија испорака на четири артилериски ракетни системи со висока подвижност (HIMARS) на Украина, а Велика Британија вети неодреден број лансери M270 произведени во САД.

Украинскиот министер за одбрана Алексеј Резников, исто така, зборуваше за воените загуби, но неговите бројки се половина од оние што ги тврди Подолјак.

„Секој ден имаме до 100 наши војници убиени и до 500 ранети“, напиша Резников на Фејсбук.

„Ситуацијата на фронтот е тешка бидејќи руската војска продолжува да притиска масовно“, додаде тој.