„Македонски манифест“ во својата реакција за случајот „Алабаковски“ побара наместо пејачот да бидат притворени одговорните за регистрација на културниот центар на Бугарите „Ванчо Михајлов“ во Битола, именуван по соработникот на Хитлњер и Павелиќ.
„ВЕДНАШ ДА СЕ ОСЛОБОДИ ЛАМБЕ, А НА НЕГОВО МЕСТО ВО ПРИТВОР ОДГОВОРНИТЕ КОИ ДОЗВОЛИЈА РЕГИСТРАЦИЈА НА БУГАРСКИ „КУЛТУРЕН“ ЦЕНТАР СО ИМЕ НА ПОТВРДЕН ТЕРОРИСТ И ФАШИСТ
‘Македонски манифест’ е згрозен од последниот настап на министерот Оливер Спасовски, кој јавно, на прес-конференција, го погази начелото на пресумпција на невиноста и презеде дел од надлежностите на Обвинителството и на Судот. Тој јавно најави и побара мерка притвор за уапсениот Ламбе Алабакоски пред за тоа да се изјаснат надлежниот обвинител и судот. Со прејудицирање на обвинителската и на судската одлука, министерот директно се вмеша во работата на правосудните органи и изврши директен притисок врз нив за носење мерка притвор, што подоцна и се случи. Ваквото однесување на министерот е недопуштено, поради што ќе мора да понесе одговорност. Очигледно, ни се повторува 27 април. Се повторува праксата уставобранителите и бранителите на македонизмот да се трпаат по затвори, а оние кои ги рушат да се трпаат во власта.
‘Македонски манифест’ никогаш не одобрува насилство, но за волја на вистината треба да се каже дека секогаш сме го поддржувале неотуѓивото право на народот за самоодбрана. Впрочем, спрема воспоставената пракса, секогаш кога власта не ги штити правото и националните интереси, секогаш и секаде народот си ја преземал правдата во свои раце. Во тој контекст и во контекст на предисторијата на регистрирањето на бугарскиот ‘културен’ центар, треба да се цени истапот на Ламбе Алабаковски, кој е истап на очајник загрижен за иднината на својата држава и народ.
Имено, познато е дека бугарската политика кон Македонија и Македонците е константна и непроменета од Сан Стефано и Берлин 1878 година, преку Букурешт 1913 година, па сè до денес. Таа политика е негаторска, асимилаторска, геноцидна и профашистичка. За Бугарите, ние Македонците сме само неосвестени Бугари, измислица на Тито и КОМИНТЕРНАТА. Тие не случајно за културниот центар го одбраа името Ванчо Михајлов, кој е потврден терорист, 7 пати осуден на смрт и потврден фашист, соработник на Хитлер и Мусолини. По негов налог се убиени илјадници видни Македонци. Тој е автор на книгата ‘Македонија Швајцарија на Балканите’, во која ги избриша Македонците од етничката карта на народите. Децидно запиша дека жители на Македонија се делови од народите на околните држави: Бугари, Срби, Грци и Албанци, а најбројни се Бугарите. За него, Македонците не постојат и се само македонски говеда.
Со овој чин Бугарите јасно ни порачаа дека и денес во Македонија нема Македонци. Вакво нешто македонскиот народ никогаш нема да прифати. За жал, македонските власти наместо жесток одговор и протест, се одлучија на молк и одобрување, во интерес на некои повисоки цели наречени почеток на пристапни преговори за ЕУ. Отидоа и подалеку со тоа што го регистрираа ‘културниот’ центар со името на потврден терорист и фашист, спротивно на одлуката на Министерството за правда кое одби да даде дозвола за регистрација на клубот под тоа име. Поради ова прекршување на Законот, одговорните во Централниот регистар и Владата ќе мора да понесат одговорност. Ова е брутално газење по достоинството на Македонецот, за кого Ванчо Михајлов е најголемиот злосторник.
Во овој контекст, постапката на Ламбе Алабаковски за нас беше разбирлива и очекувана. Ако не беше тој, истото ќе го стореше некој друг. За нас, Ламбе е херојот кој постепено прераснува во симбол на отпорот и будење на македонскиот народ, кој масовно застана зад него. Тој е нашиот нов современ, хуман гемиџија, кој со симболичното палење на влезната врата од бугарскиот ‘културен’ центар во Битола надвор од работното време, кога нема движење на луѓе, јасно го изрази својот и револтот на целиот македонски народ против погубните антимакедонски постапки на бугарската, но и на македонската власт.
Поради сето ова, ‘Македонски манифест’ бара надлежните органи:
1. Веднаш да го раскинат Договорот за добрососедство, кој прерасна во договор за непријателство и извор на ширење омраза помеѓу македонскиот и бугарскиот народ.
2. Министерот Оливер Спасовски веднаш да поднесе неотповиклива оставка. Ако тоа не го стори, веднаш да биде разрешен.
3. Од Централниот регистар да се избрише регистрацијата на ‘културниот’ центар со името на терористот и фашистот, а да биде пререгистрирано кога Бугарите ќе одберат пристојно име, кое нема да ги навредува чувствата и достоинството на Македонците.
4. Ламбе Алабаковски веднаш да се ослободи од притвор, а место него да се притворат одговорните од Централниот регистар, кои со очигледен амин на Владата го регистрираа ‘културниот’ центар спротивно на Законот, со име на потврден терорист и фашист“, се вели во реакцијата на „Македонски манифест“.






