„ЕУ-интегрирањето на Македонија западна во ќорсокак, а со тоа и Владата и Преспанскиот договор. Тоа се повеќе од доволни причини за оставка на оваа Влада и за одржување предвремени избори!“ – вели аналитичарот Сашо Клековски, член и на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, во колумната со наслов „ЕУ- ќорсокак, ќорсокак за Владата и Преспа“, која ја објави весникот „Нова Македонија“. Тој изнесува во неа лични ставови.
Клековски пишува: „Членството на Македонија во ЕУ не е во ќорсокак поради планот на Макрон за ‘европска (гео)политичка заедница’, туку поради безизлезноста, во која се наоѓаат бугарско-македонските односи. Таа безизлезност ќе постои и ако Бугарија се откаже од ветото за започнување ЕУ-преговори со Македонија. Подигнувањето на ветото ќе значи на еден или друг начин поврзување на некои клучни барања на Бугарија со пристапниот ЕУ-процес. На пример, промена на Уставот и вклучување ново малцинство пред да се отворат преговорите за првото поглавје.“
„Дури, на Бугарија и не ѝ треба вакво поврзување, освен за домашна употреба, бидејќи може да стави вето во која било фаза на пристапувањето во ЕУ. И менување на Уставот пред отворање на првото поглавје ја прави Македонија екстремно ранлива за натамошни блокади и уцени. Какви било промени по ова прашање не смеат да се случат пред денот на приемот на Македонија во ЕУ.“
„Расправата за бугарско-македонските односи се сведува на расправа за ‘ужасен крај’, или ‘ужас без крај’. Без промена на антимакедонските ставови на делови од бугарската политика, целосно е сеедно дали ќе остане бугарското вето сега, или повторно ќе се случи ново вето за една, две години, или која било година додека траат преговорите на ЕУ и Македонија.“
„Со ЕУ-ќорсокакот и Владата е доведена во ќорсокак. Клучната платформа на оваа влада е дека со Договорот за добрососедство со Бугарија и со Преспанскиот договор се отвораат вратите на НАТО и на ЕУ. Поминаа многу декември и јуни, во кои, еве, сега ќе добиевме датум за преговори со ЕУ и тоа не се случува. Доколку една од вратите остане затворена, чесно е оваа влада да даде оставка. Оставка на Владата и избори се неопходни сега и граѓаните да одлучат: како понатаму, кој пат да го фати Македонија?
„ЕУ- ќорсокакот е и ќорсокак и за Преспанскиот договор. Тоа е предвидено со самиот договор. Во дел 1, член 1, точка 10 од договорот е предвидено дека спроведувањето има два дела, технички што трае пет години и политички што е поврзан со пристапувањето во ЕУ. ЕУ-ќорсокакот, ќорсокакот на Владата и за Преспанскиот договор се повеќе од доволни причини за предвремени избори!“
Интернет-врска до целата колумна:
https://www.novamakedonija.com.mk/pecateno-izdanie/eu-kjor-sokak-kjor-sokak-za-vladata-i-prespa/





