„Скопско ехо“: Реформите во образованието се без ефект – недозволиви се експерименти со националната историја“

„Кон крајот на денот, кога завршува втората смена, училишните ѕвона ќе означат крај на наставата за околу 255 илјади основци и средношколци во Македонија. Децата ќе се радуваат. Но, возрасните и особено надлежните во овој ресор немаат место за радост. Од денеска ќе се знае какви конечни оценки и успеси ќе имаат, а надлежните образовни власти ќе пресметуваат дали реформите што ги започнале даваат одредени резултати.“ – вели весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар со наслов „Завршува учебната година полна со импровизации – како ќе биде од септември?“.

„Скопско ехо“ пишува: „Првата лоша вест веќе ја соопшти министерот за образование Јетон Шаќири: постигнати се слаби резулати на релевантното меѓународно ПИСА-тестирање кое што беше спроведено во текот на годината. ‘Меѓународните истражувања покажуваат дека нашите ученици имаат успех под просекот во Западниот Балкан во земјите во ЕУ.’ – рече денеска Шаќири во настапот на собраниска комисија.“

„И? Кој е одговорен за тоа? Што ќе прават скапо платените во ресорното министерство и во разните бироа за развој на образованието? Ќе одат на одмор како и учениците или ќе засукаат ракави? Многу фалените реформи во образованието не донесуваат резултати. Всушност, не е јасно и како и колку се спроведуваат. какви се последици тоа остави по знаењата и подготвеноста на учениците.“

„Најголема промена беше почетокот на примената на новата Концепција за основно образование. Колку контроверзната реформа во основното образование, која ја иницираше Мила Царовска, кумуваше на слабите резултати и импровизациите во образованието? Уште на самиот почеток новиот концепт предизвика негативни реакции и бројни беа критиките, кои тогаш ги упатуваа скоро сите образовни и други институции во Македонија. Тие бараа концептот да се повлече, се противеа на воведување на интегрирани предмети, зачувување на посебноста на предметите историја, хемија, физика, географија…“

„Институтот за национална историја предупреди дека нема играње со националната историја. ‘Македонската држава не смее да експериментира со сопствената национална историја. Концептот треба да се повлече.’ – побараа историчарите. Претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев најдиректно кажа дека реформите имаат за цел да го избришат предметот историја. ‘Единствена цел е предметот историја да се избрише од наставната програма во основното образование и да се заборави историската свест на современите генерации за историското минато и за политичката и културна историја на Македонија.’ – рече тогаш Коцарев.“

„Протестираа и илјадници родители на учениците, кои се спротивставуваа и на воведувањето на дигиталните учебници, бидејќи сметаа дека учениците не се подготвени за нив… Надлежните не се откажаа од концептот и тој почна да се реализира. Како ќе се пречека претстојниот септември, новата учебна 2022/23 година? Дали примената на новиот концепт ќе продолжи како оваа година ништо да не се случило и дека се било добро, или ќе се размисли, за да се види дали новововедениот концепт вреди и натаму да се применува? Одговорите треба час поскоро да се дадат, оти времето брзо поминува а најголеми губитници повторно можат да бидат учениците.“