Боцевски: „Ламбе станува национален мит – трпението на Македонците е на работ и отпорот може да експлодира!“

„Зошто чинот на Ламбе Алабаковски ја возбуди македонската јавност до усвитување? Од каде дојде оваа еуфорија кај Македонците и одушевување од еден незаконски акт? Јас не можам да оправдам обид за палеж на каков било објект, како и кој било друг насилен акт, независно од побудите што го предизвикале тој чин. Постојат установи што треба да се грижат за јавниот ред и мир, институции што се должни да ги штитат националниот и државниот интерес. Нивна е задачата да реагираат кога се загрозени заедницата и нејзиниот опстанок. Токму тука е потфрлувањето и најдлабоките причини зошто обид за палеж на врата добива ореол на нов национален мит.“ – вели Ивица Боцевски во својата колумна со наслов „Ламбе Алабаковски – раѓањето нов национален мит“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Боцевски пишува: „Митот е помоќен од секое оружје, од секоја сила и од секој насилник. Тоа не го разбраа Зоран Заев и неговата дружина кога се обидоа да ги разнесат темелите на македонската нација, преку договорот со Бугарија, Преспанскиот договор, тиранската платформа, како и општата релативизација на сето она, што им е свето на Македонците. Пред нашите очи се разградуваше земјата, се кршеа законите, се газеше Уставот, се менуваа имињата на институции и се наметнуваше омразената ‘северна’…“, се брусеа шахти и се демонтираа споменици на македонските херои.“

„Македонските власти немо го проследија отворањето на бугарскиот културен клуб ‘Ванчо Михајлов’. Премиерот дури се повика и на Рамковната конвенција за човекови права на Советот на Европа, за да го оправда овој беспризорен непријателски чин. Клубот е отворена провокација. и бугарски национален триумфализам и бележење територија. Македонската држава ја немаше никаде тие кобни два дена кога се случуваше бугарскиот националистички пир во Битола и во Охрид. Ниту еден носител на државна функција не го осуди тоа што се случуваше среде Македонија.“

„Македонија е пренапрегната, трпението на Македонците е на самиот раб. Владината стратегија да го замолчи сиот отпор против ненародните и немакедонските политики може да експлодира на непосакуван начин и со несакани последици. Кога државниот терор и државното насилство ќе ги запрат сите демократски канали за изразување, тогаш незадоволството и отпорот ќе израснат спонтано и стихијно, надвор од сите општествени текови.“

„Односот на институциите кон Ламбе Алабаковски и кон бугарскиот културен клуб ‘Ванчо Михајлов’ е тест за македонската демократија. Ламбе Алабаковски мора да излезе на слобода. Неговото судење мора да биде јавно и целосно отворено. Без разлика кој ќе биде епилогот на неговиот случај, тој не смее веќе да помине ниту еден ден во притвор, во затвор или под некои посебни мерки.“

„Институциите мора да реагираат и да ѝ стават јасно до знаење на бугарската држава дека постојат некои граници во меѓусоседските односи, а со самото постоење на бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“ се поминати сите точки на трпението. Време е институциите да започнат да ги штитат македонскиот национален и државен интерес, македонскиот идентитет и самобитност, да ги штитат секој граѓанин на Македонија и сите културни посебности на секоја заедница во Македонија, да се почне со одлучна борба против фашизмот и сите форми на екстремизам. На клуб со име ‘Ванчо Михајлов’ му нема место во слободна и во демократска Македонија!“



Интернет-врска до целата колумна:

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/lambe-alabakovski-ragjanjeto-na-nov-nacionalen-mit/