Поради малите плати и тешките услови за работа, возачите на ЈСП ќе протестираат од среда па во наредните денови од 11 до 12 часот. Протестот ќе се одвива пред седиштето на претпријатието, што значи во тој период од денот нема да има автобуски превоз.
Градоначалничката Данела Арсовска вели дека протестот е политички мотивиран, бидејќи било разговарано со синдикатот и понудено скалесто зголемување на платите.
„Многу ми е жал што вработените ќе протестираат. Лошите услови во кои се наоѓа ЈСП е затоа што претходното раководство го оставило девастирано, во толкави долгови што сега со големи напори луѓето се обидуваат да ги консолидираат. Независниот синдикат не знам зошто покренува вакви активности, можеби и политички да се мотивирани затоа што таму беше разговарано, прифатено дека ќе почне да се реализира скалесто зголемување на платите како и во сите други јавни претпријатија. Затоа не знам зошто вакви политички мотивирани чекори би правеле, тоа не е добро ниту за нив како синдикат оти го губат кредибилитетот во процесот на преговарање“, рече Арсовска одговарајќи на новинарско прашање за најавениот протест.
Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ланската година ја заврши со загуба од 3,3 милиони евра.






